Фото: Принт-скрин

Бугарија е под притисок по руската одлука за запирање на испораката на гас, но претходните застои во развивањето на инфраструктура сега би можеле да бидат во нејзина полза, пишува „Еурактив“ во написот насловен „Ќе успее ли Бугарија да избега од гасната стапица?“

Бугарија би можела да ја одржи ситуацијата под контрола, а дури и да го забрза прекинот на зависноста од рускиот гас. Меѓу причините за ваквото тврдење се наведува и диверзификацијата на изворите на снабдување. Интерконекторот помеѓу Бугарија и Грција е во забрзана конструкција по неколкугодишниот застој, како и процесот за удвојување на капацитетите за подземно складирање на гас. Згора, грчките власти вчера соопштија дека ќе ѝ понудат помош на Бугарија по прекинот на снабдувањето со рускиот гас. А бугарскиот министер за енергетика ја нагласи и можноста за премин кон нуклеарна енергија најрано од 2024.

Се истакнува и малата потрошувачка на гас во Бугарија, поради која државата не потпаѓа на регионалната паника, откако повеќе земји сметаат на гасот за да се оттргнат од користењето на јаглен.

Петков и Моравјецки жестоко реагираа на секнувањето на рускиот гас, ЕУ на штрек

– По периодот на неактивност, бугарската влада би требало да ја искористи можноста за да го заобиколи гасот, што станува скапа опција, економски и политички – пишува „Еурактив“.

Бугарската влада ги поништи плановите на претходниот владин состав за градење на гасна турбина со комбиниран циклус и на поставување гасоводни цевки во должина од 125 километри. А беа отфрлени и плановите за снабдување на академските установи со гасни бојлери.

Прв предизвик за Бугарија во новонастанатата ситуација ќе биде да ја одржи стабилноста на електричната мрежа, за што не е потребна зголемена употреба на јаглен, заклучува „Еурактив“.