Фото: Влада

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ ја запре испораката на гас кон Полска и Бугарија, наведувајќи го неплаќањето на гасот во рубљи како причина за одлуката, со што ваквиот потег се смета за најжестокиот досега на Кремљ, во однос на санкциите воведени од Западот. Варшава и Софија, пак, сметаат дека „Газпром“ го прекршил договорот со нив, пренесуваат светските медиуми.

Полска и Бугарија се првите држави на кои им се прекинати испораките на гас од главниот европски снабдувач откако почнаа воените дејствија во Украина. Европските лидери ја обвинија Москва за „уцена“ по прекинот на испораката на гас, што резултираше со зголемувањето на цените на енергенсот за 20 отсто.

„Газпром“ кој снабдува околу 40 отсто од европскот гас, предупреди и оти транзитот на гас преку Полска и Бугарија исто така ќе биде прекинат, ако се одвива нелегално.

Бугарскиот премиер Кирил Петков ја критикуваше Русија поради, како што кажа, „уцената“, категорично истакнувајќи дека неговата држава нема да ги прекине испораките на руски гас преку нејзина територија до Србија. Петков го обвини и неговиот претходник Бојко Борисов за трошење на големи суми на државни пари за изградба на гасоводот што ги снабдува Србија и Унгарија со руски гас.

Полскиот премиер Матеуж Моравјецки, пак, ја обвини Русија за „гасен империјализам“ но инсистираше дека Полска ќе се снајде и без испораката на руски гас.

Полска и Бугарија сега добиваат гас од соседите од ЕУ, откако прекина снабдувањето на „Газпром“, како што соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен. Бугарски соседи од ЕУ се Грција и Романија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија би можела да ја стопира испораката на гас и за другите европски купувачи, ако и тие го одбијат плаќањето во рубљи, кое претставува одговор на западните санкции.