Фото: Игор Бансколиев /Архива

Но, што всушност значи оваа одлука за МПЦ-ОА и што значи автономен статус на МПЦ во православниот свет анализираат познавачите на состојбите во православието Цане Мојановски и Марјан Николовски

Саборот на Српската православна црква денеска се изјасни за автономен статус за Македонската православна црква-Охридска Архиепископија од 1959 година, и сеправославен консензус за евентуална идна нејзина автокефалност, по одлуката на Вселенската патријаршија со која призна канонски статус на МПЦ-ОА.

Српските владици тврдат дека на ова се согласила и МПЦ-ОА со писмо испратено до СПЦ, за што од МПЦ-ОА сè уште се молчи.

СЦП и понуди на МПЦ-ОА автономен статус: Што значи тоа и што ќе одлучат македонските владици?

Но, што всушност значи оваа одлука за МПЦ-ОА и што значи автономен статус за МПЦ во православниот свет анализираат познавачите на состојбите во православието Цане Мојановски и Марјан Николовски.

Цане Мојановски, кој е и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници вели дека во соопштението на Соборот на СПЦ се укажува на неколку нешта.

Фото: Принтскрин

– Прво од него можете да препознаете дека е прифатено канонското единство и ова практично е втора црква, која по одлуката на Вселенската патријаршија ја прифаќа МПЦ-ОА како ерархија која може непречено да општи со православниот свет. Меѓутоа кога ќе го читате соопштението во продолжение, тоа отвара повеќе дилеми и прашања. Дали прашањето навистина се отвара и решава, или прашањето се отвара за да остане отворено. Ние, од политичките процеси имаме искуства дека некои привремени решенија траат предолго. Ние, како јавност во Македонија очекуваме дека СПЦ, покрај прифаќањето на канонското единство на МПЦ, ќе ја отвори и постапката или ќе и предложи на Вселелската патријаршија за издавање томос, односно акт со кој ќе ги извести останатите помесни православни цркви во светот дека на подрачјето на денешна Република Македонија се создала нова црква, која согласно одлуката на Вселенскиот патријарх Вартоломеј се именува со нејзиното еклисиолошко име Охридска Архиепископија – изјави Мојановски за „Канал 5“.

Сепак, според него, според соопштението на СПЦ, ние, како црква, се враќаме 66 години наназад во 1959 година, кога со одлука на тогашниот Собор на СПЦ било констатирано дека епархиите во тогашна Народна Република Македонија се одвоиле во посебна самостојна Македонска православна црква на чие чело се наоѓа Архиепископ, кој се титулира како Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски.

– Ова дикција од соопштението на СПЦ покажува дека е направен само еден чекор и дека натамошните чекори се неизвесни. Неизвесноста ја зголемуват уште два става во соопштението. Првиот став кој зборува дека стекнувањето на автокефален статус подразбира согласност на сите православни цркви, што како политика беше дебатирано меѓу православните цркви, но за тоа нема сеправославна согласност. Според досегашната практика томос за новосоздадена Православна црква го чини мајката црква која дотогаш го организирала црковниот живот со информирање на Вселенската патријаршија која издава томос. Овие два става всушност укажуваат дека прашањето е полуотворено. Да се надеваме дека Вселенскиот патријарх ќе има предвид дека МПЦ повеќе од 70 години има потреба од соодветна арбитража и дека тој ќе донесе одлука со која воведе МПЦ во светот на православните цркви – заклучува Мојановски.

Аналитичарите потенцираат дека би било опасен преседан доколку МПЦ-ОА по 55 години би се откажала од автокефалноста и практично би го прифатила Нишкиот договор, кој пред 20 години го отфрли, а врз база на кој беше создадена Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски.

Новинарот и познавачот на состојбите во православието Марјан Николовски, пак, вели дека е изненадувачки што СПЦ, практично ја донела оваа одлука на првиот дел од работниот дел на Соборот, иако има многу прашања за разгледување, како тоа за Косово, прашањето за Украина и некои други точки.

Фото: Принт скрин

– Оваа одлука на СПЦ има два суштински елементи кои што треба да се препознаат. Прво и основно е дека СПЦ не донесе одлука за да ја врати МПЦ во канонско единство, затоа што МПЦ во канонско единство ја врати Вселенската патријаршија со одлука од 9 мај годинава. Согласно тоа СПЦ одлучи да ја прифати одлуката на Вселенската патријхаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ како канонска исправна црква, секако обландирајќи го тоа во своето соопштение на нејзина страна. Втората важна одлука во тоа соопштение треба да се чита во една од точките во која СПЦ вели дека автокефалниот статус на МПЦ е реалистичен, легитимен и реален во иднина, што значи дека индиректно и овозможува на Вселенската патријаршија да го продолжи процесот за издавање на томосот за автокефалност на МПЦ под името Охридска Архиепископија. Сè помеѓу е текст кој е насочен за домашната српска јавност и кој е насочен во контекст за зачувување на достоинството и интересите на СПЦ, а индиректно и на Руската црква – посочува Николовски за „Сител“.

Според него, тука има две опасни тези кои се напишани со кои всушност почнува и соопштението, односно дека оваа одлука се носи по барање на Синодот на МПЦ-ОА.

– Одлуката поразбира враќање на статусот на МПЦ од 1959 година, а тоа е статус на автономна црква во рамки на Српската православна црква и втората уште поопасна теза е дека наводно МПЦ со наводно некакво писмо тоа сама го барала и се согласила дека идниот канонски статус како автокефална црква треба да се решава со сеправославен консензус или со други зборови, тоа е ставот на Руската православна црква дека за издавање томос не треба да одлучува Вселенската патријаршија, туку сите цркви. Таквиот став ја става МПЦ во позиција дека во иднина може да се соочи со вето од која било црква за томос за автокефалност, а да не заборавиме дека тоа е крајната цел во 55-годишната битка за автокефалност-посочува Николовски.

Дали оваа одлука на СПЦ е по барање на САС на МПЦ, според Николовски, треба да одговори Синодот на МПЦ.

– Моите информации велат дека такво писмо нема испратено Синодот на МПЦ до СПЦ, туку дека има писмо од пред неколку дена по одлуката на Вселенската патријаршија, со кое Синодот на МПЦ ја известува СПЦ за одлуката на Вселенската патријаршија дека го признала канонскиот статус и дека останува да се реши административниот статус на црквата како автокефална и дека согласно нејзините препораки тие се согласуваат со СПЦ да ги продолжат разговорите во тој дел околу конечното решение. Што е сосема различно од она што го пишува во соопштението на СПЦ. Но, за тоа треба да реагира Синодот веднаш и да го обелодени писмото – заклучува Николовски.

Од МПЦ-ОА засега нема никаков коментар. Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА Владиката Тимотеј денеска не одговара на повиците.