Фото: Архива

За верските аналитичари искучително проблематично е што во одлуката на СПЦ, пишува дека таа е донесена откако добиле писмо, или барање од Синодот на МПЦ-ОА, во кое тие се согласуваат на се тоа. Прашањето велат е кој и кога во Синодот на МПЦ-ОА донел таква одлука и зошто за тоа не е известена јавноста. Потенцираат дека опасен преседан е тоа што МПЦ-ОА по 55 години би се откажала од автокефалноста и практично би го прифатила Нишкиот догвор, кој пред 20 години го отфрли, а врз база на кој беше создадена Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски

Автономен статус за Македонската православна црква-Охридска Архиепископија од 1959 година, и сеправославен консензус за евентуална идна автокефалност. Тоа е клучната одлука на Соборот на СПЦ, објавена денеска на веб-страната на СПЦ, за која српските владици тврдат дека се согласила и МПЦ-ОА со писмо испратено до СПЦ.

Што одлучи СПЦ

– Примајќи го актот од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, со кој таа го прифаќа општопризнатиот канонски статус, доделен во 1959 година, од страна на Светиот Архиререјски Собор на Српската Православна Црква и во кој изразува надеж дека СПЦ братољубиво ќе го решава и реши прашањето за нејзиниот конечен канонски статус, за кој треба да следи и сеправославна согласнот за прифаќање на тој статус, Светиот Архиерејски Собор одлучи: Со благодарност во Господа и со радост Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година. Бидејќи со ова се отклонети причините за прекин на богослужбеното и канонско општење, причинети поради еднострано прогласената автокефалност во 1967 година, се воспоставува полно литургиско и канонско општење. Воспоставувањето на единството на канонска основа и под услови на важење на канонскиот поредок на целото подрачје на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуално коначен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку е и целосходен, легитимен и реален. Во дијалогот за неговиот иден и евентуално конечен канонски статус СПЦ ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските начела, мерила и норми, незамерувајќи ги „реалполитичките“, „геополитичките“ и „црковнополитичките“ и други слични дадени работи за еднострани иницијативи и не подлегнувајчи на никакви влијанија, или притисоци. И на крајот, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во поглед на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната држава и во дијаспората, со препорака прашањето за своето званично име да го решава во непосреден братски дијалог со гркофонските и останатите помесни цркви-пишува во одлуката на Соборот на СПЦ.

Верските аналитичари велат дека оваа одлука на СПЦ не е изненадувачка, бидејќи изминативе денови во јавноста се наговестуваше во кој правец таа ќе се движи.

МПЦ-ОА молчи

Од МПЦ-ОА засега нема никаков коментар. Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА Владиката Тимотеј денеска не одговара на повиците.

За верските аналитичари искучително проблематично е што во одлуката на СПЦ, пишува дека таа е донесена откако добиле писмо, или барање од Синодот на МПЦ-ОА, во кое тие се согласуваат на се тоа. Прашањето велат е кој и кога во Синодот на МПЦ-ОА донел таква одлука и зошто за тоа не е известена јавноста. Потенцираат дека опасен преседан е тоа што МПЦ-ОА по 55 години би се откажала од автокефалноста и практично би го прифатила Нишкиот догвор, кој пред 20 години го отфрли, а врз база на кој беше создадена Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски.