Заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Историски чин кој го трасира патот до целосна автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), се случи денеска во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Српскиот патријарх Порфириј информираше за одлуката на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) дека ќе прифаќа МПЦ-ОА да стане автокефална и да биде примена во редот на признати Православни цркви.

На денешната заедничка лутургија со Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод 24 мај, денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, српскиот патријарх рече дека се исполнети сите услови МПЦ-ОА да биде предложена за автокефална црква.

Цане Мојановски, познавач на состојбите во православието, поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека ова е почеток на крајот на децениското настојување на македонските православни верници да ја возобноват славната Охридска архиепископија, во која молитвите и благопожелбите ги испраќале илјадници верници денес.

Патријарх Порфириј: СПЦ ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА

На Духовден заедно ќе сослужуваме и во Фанар, во седиштето на Вселенската патријаршија, рече г.г. Стефан

-Денес кога ги чествуваме Светите Кирил и Методиј, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, неговата светост патријархот г. Порфириј ја соопшти радосната вест, за прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тоа е почеток на крајот на децениското настојување на македонските православни верници да ја возобноват славната Охридска архиепископија, во која молитвите и благопожелбите ги испраќале илјадници верници. Затоа, денес, со полно срце и радост можеме да им заблагодариме на сите кои на тој пат се вложија, настојуваа и неуморно бараа да се добие автокефалијата. На тој пат, многу генерации трагаа по решение, по вистински правец. Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија и Патријархот г. Вартоломеј, да ја прифатат Охридската архиепископија за канонска црква во нашата земја и да ја примат во литургиско и канонско единство, како и одлуката на Саборот на Српската православна црква, на незината ерархија, Патријархот г. Порфириј и српските православни верници, се чекори кои не приближуваат и вклучуваат во светот на помесните православни цркви и во православната екумена – вели Мојановски.

Според него, треба да си честитаме и посакаме иднина во православната заедница на народите.

-На Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на сите верници да им заблагодариме за вложените напори и да си посакаме долго да дејствуваме во мир, братољубие и со христијанска смираност да шириме љубов и разбирање. Да им се радуваме на даровите и честа. Да ни е вековита автокефалноста – заклучи Мојановски.

Византиска музика на Бигорскиот хор го направи величенствено сослужувањето меѓу МПЦ-ОА и СПЦ

„Ви носиме уште една радост“

На заедничката литургија учествуваа великодостоинствениците на двете цркви. Од српската страна беа митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, епископот сремски Василиј, епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотије и крушевачкиот Давид. Од македонските владици учествуваа Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, Преспанско-пелагониски Петар, Повардарски Агатангел. Кумановско-осоговски Јосиф, епископот брегалнички Иларион и други.
На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград.
Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Патријархот Порфириј, поглаварот на Српската православна црква прв одржа говор по заедничката литургија меѓу двете цркви.

– Вашата љубов и молитви и во Белград и тука помогнаа да се надмине искушението и Господ да направи чудо. Дека не можеме едни без други. Воспоставивме единство. Ви носиме уште една радост. Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, го одобрува и ја прифаќа автокефалноста – заклучи во својот говор српскиот патријарх.

Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиеписопот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

– Потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА – рече патријархот Порфириј.

Радосната вест беше пречената со неколку минутен аплауз од присутните во Соборниот храм во Скопје.

Исполнет аманетот од предците

Откако српскиот патријарх Порфириј обзнани дека СПЦ ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА им се заблагодари од името на архиереите, монаштвото и верниот народ на нашата црква.

– Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство. Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар. Тогаш, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј ќе ни го врачи актот за официјално прифаќање на нашата каноничност и за сослужување со сите помесни православни цркви – рече во својот говор г.г. Стефан.

Фото: Маја Јаневска-Илиева