Деветгодишниот Квејден Бејлс, кој беше малтретиран на училиште затоа што боледува од дворфизам (болеста се одликува со џуџест раст), по видеото во кое тој плаче и вели дека сака да се самоубие, вчера го имаше најубавиот ден во неговиот живот, пренесува „Њујорк пост“. 

По реакциите и поддршката која ја доби од илјадници познати личности од целиот свет, како и од деца кои му изразуваат пријателство, Квејден беше поканет да го отвори натпреварот на австралиски рагби тим составен од домородни играчи. Квејден вчера излезе на стадионот држејќи рагби-топка во една рака, а со другата стегајќи ја раката на капитенот Џоел Томпсон. 

– По видеото од најтажниот ден на неговиот живот, тој буквално сакаше да си го одземе животот. Сега Квејден е пресреќен – изјави неговата мајка Јарака Бејлс.

Јарака не можела да поверува дека видеото ќе допре до илјадници луѓе ширум светот, ќе стане вирално социјалните мрежи и ќе му донесе на Квејден толку голема популарност.

– Малтретирањето и обидите за самоубиство не се ретка појава. Поради неговата болест, секогаш постои можност да се случи нешто такво. Голем број луѓе ги загубија своите деца како последица од малтетирање. Затоа треба да се бориме против оваа појава која претставува меѓународна криза, и потребно е итно да ѝ се обрне внимание – изјави Јарака по почетокот на рагби мечот.