Во ова време на криза и страв од моменталната ситуација, кога повеќето од нас се принудени да бараат занимација во рамките на својот дом, неа најчесто ја наоѓаме на телевизија или на интернет. Нетфликс игра особено голема и важна улога во нашите животи во последниов период, а сега дури и ни понуди еден интернационален бисер, кој совршено ја отсликува моменталната состојба.

Станува збор за шпанскиот филм „Платформата“ од режисерот Галдер Газтелу-Урутиа, каде што главната улога ја игра одличниот Иван Масаге Хорта.
Доколку овој филм на прв поглед ве потсети на „Коцка“ и на „Сноупирсер“, нема да бидете единствени. Овој научнофантастичен трилер со хорор-елементи несомнено влече инспирација од нив, наедно нудејќи нешто поразлично, а сепак вечно актуелно.
Главниот лик во овој филм, Горен, се буди затворен во бетонска ќелија на 48-от кат. Тој го дели овој простор со уште еден затвореник, постар човек со име Тримагаси. Во средина на собата, на подот и на покривот има по една голема дупка. Низ нив се гледа нагоре и надолу, доволно за да се види дека на секој кат погоре и подолу има по уште двајца затвореници, но бројот на катовите не е познат.

За кратко време, Горен сфаќа дека престојот во овој „затвор“ е вистинска борба за опстанок. Еднаш дневно, во исто време, низ дупката од покривот се спушта платформа со храна. Затворениците имаат само неколку минути да јадат, а потоа платформата продолжува да се спушта надолу. Оние што се наоѓаат на најгорниот кат, кој почнува од број 0, добиваат платформа наредена со прекрасна, разновидна храна. Како што платформата се спушта надолу, храна останува сѐ помалку. А никој не знае колку длабоко, всушност, оди таа.

Не е доволно застрашувачко? Тогаш, би требало да земеме предвид дека секој од овие затвореници има 30 дена престој на одреден кат. Кога тоа време ќе заврши, тие се преместуваат на сосема друг, кој го делат со сосема нов затвореник, независно од нивниот однос. Некогаш се будат на врвот, а некогаш на дното. Некогаш платформата ги послужува со изобилство од вкусна храна, а некогаш или, пак, најчесто, нуди само останки и празни чинии.

Во еден момент пораката на филмот станува кристално јасна. Доколку секој земе само онолку колку што му е потребно, ќе има доволно храна за да стигне и до последниот затвореник. Но тоа не се случува никогаш.
Без разлика на политичката определба на публиката на овој филм, „Платформата“ нуди јасен приказ за тоа колку човекот е способен да се претвори во крволочно и себично суштество кога станува збор за живот или смрт. Гледајќи како затворениците на горните катови во овој бетонски затвор грабаат храна повеќе отколку што можат да изедат, од страв за тоа каде ќе се разбудат следен пат и дали ќе имаат храна, не водејќи воопшто грижа за оние што се наоѓаат под нив, добиваме одлична илустрација на паничното купување, кое го посведочуваме сега за време на пандемијата.

Иако големиот број ликови со кои се запознаваме во „Платформата“ речиси и да не нудат заднинска приказна, тоа воопшто не пречи. Тоа што знаеме малку за нив, прави да личат на сенки од некој лош сон. Нивните карактери се сепак многу јаки и доминираат со секој изговорен збор и со секоја преземена акција, па лесно се забележува како тие отсликуваат различни општествени слоеви. Но исто така, овој филм прикажува и како верувањата, ставовите и мислите на една личност можат да се променат зависно од опасноста во која се наоѓа.

Горен е човек што од почетокот верува во човечноста, но бргу согледува дека реалноста е поинаква. Таа е брутална, крвава и канибалистичка. Совршена метафора за неговата борба во овие услови е книгата што ја носи со себе и ја чита секој ден, „Дон Кихот“.
„Платформата“, сепак, нуди неочекувани пресврти и уште понеочекуван крај со благо религиозна заднина. Но без разлика на тоа, универзалноста на овој филм е застрашувачки моќна. Иако многумина од нас со задоволство би избрале лесна комедија или љубовна драма да ни ги одвлече мислите од сета паника предизвикана од коронавирусот и непријатното чувство што ја придружува самоизолацијата, сепак „Платформата“ претставува совршен филм за оние што се доволно храбри и подготвени да се соочат со вистинската слика за трасформацијата на човештвото во услови на криза.