„Тоа: Глава 2“ се најде на листата на најисчекуваните филмови за оваа година. Обожавателите на истоимениот култен роман на Стивен Кинг и на адаптацијата од 1990 година во режија на Томи Ли Валас со феноменалниот Тим Кари, со голема возбуда ја пречекаа и новата адаптација во режија на Андре Мускети. По неверојатниот успех на „Тоа: Глава 1“ од 2017 година, со нетрпение се очекуваше и вториот дел во кој приказната за седумте деца, тероризирани од танцувачкиот кловн Пенивајз, продолжува 27 години подоцна.

Секој што го прочитал романот би се согласил дека овој филм ѝ останува верен на книгата до самиот крај. Но останува да се запрашаме дали тоа е доволно за да го оцениме филмот како добар? За дел од публиката „Тоа: Глава 2“ е несомнено возбудлив филм, додека за преостанатиот дел возбудлива останува само идејата за овој филм, кој, за жал, не ги пресретна очекувањата. Иако режисер на втората глава е истиот човек што ја режираше и првата, Андре Мускети, овој филм се соочува со значително поголем број недостатоци, меѓу кои можеби најголемиот е ритамот на дејствата! Филмот трае речиси три часа, а кога веќе на половина се фаќате себеси како проверувате уште колку преостанува, тоа е веќе знак дека нешто не е во ред.

Книгата „Тоа“ содржи речиси 1.000 страници, и иако филмот е поделен на два дела, исто како и книгата, невозможно е да се очекува дека целата содржина може да биде пренесена на филмското платно. Сепак, Мускети се обидел во најголем дел да пренесе што е можно повеќе од романот во филмот, но тоа не резултира онака како што тој, најверојатно, се надевал. Крајниот резултат е долг филм каде што гледачот се губи во премногу информации, премногу патување помеѓу минатото и сегашноста, а на сметка на тоа страда развојот на ликовите. Во првиот дел добивме слика за секое од седумте деца и нивните карактери, животи и трауми, а вториот дел, за жал, се потпира на таа основа, без да го искористи својот потенцијал и да прикаже како тие деца се развиле и се смениле во текот на изминатите 27 години.
И овој филм, исто како и претходниот, содржи одличен хумор што совршено се вклопува во сцените во кои е вметнат, но недостига длабочина во однос на емоцијата и симболиката, кои се присутни во книгата. И овој дел ја пропушта шансата да навлезе подлабоко во ликот на Тоа, пропушта шанса да прикаже што всушност е Тоа и колку е покомплексен неговиот карактер од едноставно трансформирачко чудовиште, кое во најголем дел од времето зазема форма на кловн. Тука некаде проблем станува и жанрот на филмот. Доколку одите да го погледнете „Тоа: Глава 2“ со очекување дека ќе уживате во хорор-филм, подгответе се да се разочарате. Овој филм, за жал, се потпира на премногу неочекувано застрашување што е мрзлива одлика и дефинитивно разочарува, а хорор-елементот во оваа приказна функционира само од позиција на дете. Ликовите во „Тоа: Глава 2“, иако се сега 27 години постари, се соочуваат со истите стравови како претходно, со што на публиката ѝ се пласира еден вид реприза од првиот дел, наместо тие да се менуваат како што би се менувале и нивните карактери и животни искуства.
Ниту специјалните ефекти не се совршени во овој филм. Барем не во текот на целиот филм. Во неколку сцени тие се толку многу забележливи што дури и пречат. А очигледно е дека биле користени и за да се подмладат децата актери (во флешбек-сцените) затоа што во периодот од првиот до вториот дел, пубертетот почнал да ги менува нивните лица.

Иако значително послаб од претходниот, овој филм не е ужасен и заслужува да се споменат и неговите позитивни страни.

Кастингот за овој филм е еден од најдобрите на сите времиња. Актерите што се избрани да ги играат возрасните верзии од ликовите, личат на децата речиси совршено, а глумата е одлична и од двете страни. Бил Хејдер (Ричи Тозиер) и Џејмс Ренсон (Еди Каспбрак) се ѕвездите во овој филм, а Бил Сказгард (Пенивајз) се надминува себеси како во Глава 1, така и во Глава 2. Актерската екипа има силна хемија и тоа успешно се пренесува на филмското платно.
Музиката на Бенџамин Валфиш, како и костимите на Луис Секиера се беспрекорни, исто како и тимот задолжен за шминката.

Филмот „Тоа: Глава 2“, без разлика на недостатоците и времетраењето што потенцијално го прави здодевен на неколку наврати, визуелно сепак воодушевува. Филмот несомнено ќе ја најде својата лојална група обожаватели, дури и помеѓу оние што се свесни за маните. Вреди да се погледне, а доколку ја немате прочитано книгата, постои надеж дека ќе ве инспирира да го сторите токму тоа!