Веднаш по премиерата на „Кралот Лав“, оваа реалистична преработка на класичниот цртан филм на „Дизни“ од 1994 година се соочи со остри критики, иако секој што го погледнал филмот во изминатиот период ќе се согласи дека компјутерската анимација за овој филм беше совршено искористена. Режисерот на најновата верзија на „Кралот Лав“, Џон Фавро, на светската публика ѝ е познат како режисер и на „Железниот човек 1“ и „Железниот човек 2“, каде што се појавува во улога на Хепи Хоган, а тој исто така се појавува и како актер и продуцент на филмовите: „Железниот човек 3“, серијалот „Одмаздници“, како и „Човек пајак“ од 2017 и 2019 година. Тој исто така ги режираше и: „Каубои и вонземјани“ и „Книга за џунглата“.

Повеќе од очигледно е дека Фавро навистина се обидел да создаде доследна преработка на „Кралот Лав“, со вчудовидувачки совршена анимација, реалистични животни, пресликувајќи го оригиналот речиси сцена по сцена. Тогаш каде лежи проблемот? Од моментот кога оваа преработка беше најавена, повеќето од обожавателите на оригиналот, особено оние што израснале со него, не беа воодушевени. Но постоеја и оние што беа возбудени да ги видат своите омилени ликови од детството претставени како вистински животни на филмското платно. И навистина, крајниот резултат е токму таков! Толку реалистичен, што на прв поглед изгледа како документарен филм на „Анимал планет“, анимирани лавови што зборуваат како луѓе, добро познатите сцени придружени со оригиналната емотивна музика, и минимални промени што веројатно никому и не му пречат.

„Кралот Лав“ се смета за ремек-дело, еден од најемотивните цртани филмови на „Дизни“ и еден меѓу омилените на многу генерации. Малото лавче Симба е новокрунисаниот принц на џунглата што го губи својот татко, кралот Муфаса, откако неговиот злобен и чичко Скар, алчен за моќ и власт го убива, а потоа го истерува Симба од кралството и го опустошува до очај. Оваа приказна говори за омраза и крвопролевање, но и за храброст, гордост и љубов. Иако некои од оние што го гледаа филмот се воодушевени од маестралните визуелни ефекти, образложувајќи дека токму тие ги нагласуваат силните точки на оригиналот, правејќи ги уште помоќни, се чини дека голем број обожаватели имаат проблем со самата фотореалистичност на филмот. Им недостигаат изразите на лицата на ликовите, она што ги правеше човечни и блиски. Велат дека овој „документарен филм за суровиот живот на животните во саваните“ е разводнета верзија на оригиналот и ја нема моќта емотивно да ги допре младите генерации.

Најверојатно дебатите нема да завршат набргу и овој филм не е ниту првиот, а нема да биде ниту последниот што се наоѓа помеѓу две крајни страни, нападнат и величан во исто време, затоа што Холивуд нема намера да престане со трендот на форсирање преработки на класични Дизниеви цртани филмови. Но без разлика дали оваа верзија на „Кралот Лав“ ви се допадна или не, листата на преработки станува сѐ подолга. Тука се филмовите за „Алиса во земјата на чудата“ на Тим Бартон, „Пепелашка“, „Злорада“, „Книгата за џунглата“, „Убавицата и Ѕверот“, „Дамбо“, „Аладин“, а веќе се најавени „Мулан“ и „Малата сирена“, која со себе повлече и дополнителни критики врз основа на изборот на актерката што треба да ја игра Ариел.

Филмските критичари имаат полни раце работа да ги посочат сите недостатоци и да докажат дека овој тренд мора да престане, но луѓето сѐ уште масовно купуваат билети за овие проекции без разлика на нивните ставови, а овие филмови упорно заработуваат огромни суми пари. Па, зошто е тоа така? Луѓето едноставно сакаат да гледаат веќе познати нешта, го сакаат чувството на препознавање сличности, ги радува можноста да се вратат во времето, да го поживеат барем за миг повторно детството, да видат нова, модернизирана верзија од ликовите со кои пораснале. А „Дизни“ знае дека носталгијата е еден од најуспешните маркетинг-стратегии. Проблемот настанува кога публиката има свои лични доживувања, а со тоа и свои очекувања, кои неретко не се совпаѓаат со крајниот производ. Доколку новата верзија е реалистична, таа губи од оригиналниот шарм и емотивност. Доколку режисерите решат да променат сегменти од приказната, тоа е покажување непочит кон оригиналното дело. Се чини дека се мали шансите да се создаде производ што ќе им се допаѓа на сите луѓе еднакво. Но проблемот на Холивуд е подлабок од она со кое се соочуваат преработките на Дизниевите цртани филмови. Холивуд долго време веќе има проблем со оригиналност и рециклирање стар материјал, преработки, реимагинација на стари дела, а во последниве години и со политичка коректност и расни и социјални прашања.

По острите критики што ги доби „Дух во школка“ на Руперт Сандерс, (преработка на култното аниме на Мамуро Оши, според мангата на Широ Масамуне) поради ангажирањето на Скарлет Јохансон во улога на Мира Килиан, наместо улогата да ѝ биде предадена на јапонска актерка и да се задржи името на ликот – Мотоко Кусанаги, Холивуд се решава на драстични промени на националноста на веќе поставените ликови во стари Дизниеви цртани филмови за да внесе диверзитет во индустријата, која веќе предолго време претрпува критики за расизам и меѓу другото, сексизам. Така, во филмот „Малата Сирена“, кој допрва треба да излезе, Ариел ќе биде оживеана преку црната актерка Хали Бејли, која предизвика експлозивни реакции од двете страни, и оние „за“ и оние „против“. И најавениот филм за „Мулан“ исто така добива негативни критики откако беа најавени промени во оригиналната приказна. Принцезата што се облекува и преправа во воин, нема да се бори против Хунската армија, туку против вештерка, а наместо песни и музика, ќе има повеќе акција. Разочарување и за обожавателите на змејот Мушу – неговиот лик воопшто нема да постои во оваа верзија.

Но и покрај тоа што многумина од луѓето негативно реагираат на овие најавени промени, од „Дизни“ се сигурни дека ниту еден обид нема да биде пропаднат и дека секој од најавените преработки ќе донесе огромна заработувачка. Мрзеливата тактика на соочување со сушата е сигурен начин да се привлече публика. Овој тренд треба да престане, но повеќе од очигледно е дека нема. „Дизни“ веќе најавува преработки на: „Снежана“, „Круела“, „Пинокио“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Оливер Твист“, „Џејмс и џиновската праска“, „Ѕвончица“, „Петар Пан“, „Мечот во каменот“ и „Лило и Стич“.