„Напуштајќи го Неверленд“ : Кога еден „бог“ престанува да биде „бог“?

535

Еден од најкотроверзните документарни филмови, за една од најконтроверзните личности на планетава, сега е лесно достапен за јавноста на ХБО.

Четиричасовниот, дводелен документарен мини-серијал ја имаше својата премиера на
годинашниот филмски фестивал „Санденс“ и претставува прозорец низ кој може детално да се погледне во најранливиот и најинтимниот дел од животот на двете деца. Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак- жртви на сексуално злоставување од страна на богот на поп музиката, Мајкл Џексон.

Но филмот „Напуштајќи го Неверленд“ на режисерот и продуцент, Ден Рид („Долината“ ,
„Терор во Мумбај“ и „Ловец на педофили“), постигнува многу повеќе отколку еднставно
оживување на обвиненијата против Џексон. Неговата цел да ја разбранува јавноста,
несомнено е успешно постигната. Тој освен што предизвика шок и чувство на гадење,
одговори голем број прашања и поставува уште многу други. Прашања кои можеби се многу поважни за човечката психа, отколку конкретно за состојбата на Мајкл и неговите дела.

Ден Рид презентира еден уникатен пристап при создавањето на овој филм. Тој знае дека
креира нешто големо и знае дека кога станува збор за Мајкл Џексон и неговата вечно
вљубена фан-база, начнувањето во темата на сексуална злоупотреба на деца е еквивалент на играње со оган. Но „Напуштајќи го Неверленд“, иако се бави со тема која буди гнев кај секој гледач, сепак успева да ги обелодени сите грозоморни детали со одмерен тон на смиреност. Речиси и да не остава простор за двоумење околу неговата веродостојност, што е сосема спротивно од ефектот на шок кој со години се обидуваа да го постигнат таблоидите.

„Напуштајќи го Неверленд“ се базира врз долги и детални интервјуа на мала група на луѓе, најважните, најблиските, оние кои на најболен начин ја почувствувале темната страна на Џексон – Вејд Робсон од Бризбејн, Австралија, заедно со неговата мајка, сестра и сопруга, и Џејмс Сејфчак со неговата мајка и сопруга од Сими Долина, Калифорнија. Години по смртта на Џексон, тие ја користат оваа можност да ги споделат своите трауми со јавноста.

Дополнително покрај шокантните детали кои ги споделуваат жртвите и нивните семејства, Рид користи голем број снимки и фотографии за да го поддржи она кое што го слушаме како исповед. Но сепак, сѐ уште постои верување дека сѐ е лага. А со тоа се поставува и прашањето: Што би можеле овие луѓе да постигнат сега, откако Џексон е мртов? Сега веќе возрасни мажи, Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак имаат свои животи, свои семејства, сопруги и деца и успешни кариери.

Она што овој документарец го нуди за разлика од сите останати филмови и емисии посветени на Мајкл Џексон и обвиненијата против него, е детален опис на ситуациите во кои се нашле децата заедно со целите нивни семејства и го објаснува начинот на кој што Мајкл Џексон влегува во нивните животи и станува прифатен како нивен фамилијарен член. Овој филм ги прикажува детално сите етапи низ кои се развивал меѓусебниот однос, начинот на кој Џексон ја добивал и одржувал нивната доверба, но не само тоа. Овие интервјуа претставуваат соголување на психата на жртвите и нивните мајки, кои во овој слујчај се жртви на манипулација од неверојатни размери.

„Напуштајќи го Неверленд“ поставува прашања кои полека се одлепуваат од фактот што Мајкл Џексон, најголемата поп-икона во светот на музиката, еден од највлијателните идоли на многу генерации, човекот кој го освои светот со неговата музика, танц, љубов и грижа за Планетата Земја, природата, луѓето и животните, би можел да биде „опасен предатор“.

Гледачот започнува да се запрашува како и на кој начин тој успевал во своите планови? Колку треба да биде човек моќен за да делува толку силно врз потсвеста на луѓето и сосема да го избрише секој сомнеж? Како е можно, не само овие две мајки, туку и многу повеќе, да дозволат нивните мали деца да одат на турнеи со возрасен човек и да спијат во ист кревет со него? Како е можно никогаш да не се посомневаат дека нешто се случува зад затворените врати во палатата во Недојдија, додека тие се во соседната соба? Кој е менталниот процес што се одвива во главата на еден родител кој и покрај тоа што е свесен за обвиненијата, сепак до крај одбива да прифати? И уште поважно, на кој начин Џексон успева да натера малолетни момчиња да веруваат дека се вљубени во него? Зошто тие долго време немале никакво негативно чувство кое би ги натерало да го пријават чинот? Туку напротив, криеле од своите родители, криеле од јавноста, криеле и од самите себеси. „Напуштајќи го Неверленд“ конечно нуди безбедна можност за овие семејства да ги одговорат овие прашања.

Овој документарец говори за многу поширока тема од Мајкл Џексон. Говори за опасноста која е совршено камуфлирана во пријателска насмевка, подароци и нудење фантазија и соништа. „Напуштајќи го Неверленд“ докажува дека Мајкл Џексон може да биде било кој близок пријател или член на семејство.

Ова е несомнено еден од најквалитетно и најсилно реализираните документарни филмови во последниве неколку децении.