Фотографии: Јелена Белиќ

Ѓоко Здравески е шаман на современата македонска литературна сцена. Публиката најмногу го знае како домаќин на „Астални проекции“, поетски настан што го водеше заедно со Ана Голејшка Џикова. Има работено како лектор за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш, а денес е библиотекар на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено четири книги поезија „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013), „љубавина“ (2016), „дедикар икарал“ (2017), како и кратки раскази „Отсечки стварност“ (2019).

Кога ќе се погледнеш во огледало, си велиш…

– Гледам да не треба да се подзачисти огледалото.

Лажеме поради…

– Лажеме од страв. Стравот е подмолен и мајстор е за мимикрија. Умее да зазема и најневозможни форми. А, лагата си е лага. Без разлика дали е бела, беж, окер или резеда.

Оној што ја говори вистината е…

– Оној што ја љуби вистината е вистинољубив, а оној што ја говори, не знам, веројатно вистиноговорлив, верноглаголив. Во книга ликот би се викал Вернослов Вистинољубев и, секако, би бил гротескен.

На смртта гледаш како на нешто…

– Смртта е последната иницијација. Последното и конечно одвојување од телото. Совршена слобода. Конечен раат од себе, значи од сѐ. Стравот од смртта е всушност страв од слобода.

Возвишено е…

– Смртта е возвишена. Секоја блиска средба со смртта, барем за кратко, ми ја закрепнува вертикалната оска. Ме соочува со сите бесмислени грижи што ми се вбигориле во умот и што не ми даваат да уживам во животот.

Ти доаѓа да влепиш некому шлаканица во ситуација на…

– Уф. А, бе, ич не сум по ќотекот. Ама, ај, за твој атер: кога некој ми ласка. Нејќам ласкавци. Празни и јалови им се похвалите. Похувано ништо. Зборовите им се ем шупливи ем не им држат вода. Ми создаваат непријатност, па принуден сум да ги избегнувам низ ходниците на градот. Ако не им ја прифатите ласката или ако, недајбоже, ги соочите со тоа што го прават, веднаш ве замразуваат, иако малку пред тоа толку штедро ве воспевале. Околу нив се моткаат само луѓе ним слични. Со нив наместено си се смешкаат и си лажнословат, а зад грб се озборуваат и си поставуваат замки. Ги има и во најважните книги на светот. Во нив лажно бакнуваат, сплеткарат и забиваат нож в грб.

Полтрони, бирократи (по дух, не по професија), ситни души, шпиони. Одбери го најмалото зло. Со кого од овие најподносливо би ти било поминато едно попладне (и зошто)?

– Што фино друштво ми одбра. Шпиониве се најинтересни во друштвово. Таинствени се и непредвидливи. Секако, ако зборуваме за шпиони, а не за кодоши. Полтроните и кодошите би ги прскал со пиштолче на вода.

Не сакаш да подадеш некому рака кога…

– Кога самиот со себе не сум баш со сите.

Најмногу те радува…

– Кога ќе се израдувам. Сѐ поретко се фаќам себеси радосен. Радоста ми доаѓа неочекувано и не знам што е тоа што ме радува. Таа е како зрак детство во темниците на возрасниот ум. Затоа се радувам кога ќе се израдувам, и на тој начин си ја умножувам радоста. Еве, муабетов со тебе ми е радост. Да, и добар тапан на свадба ептен ме радува!

Би поверувал во зборовите на политичар тогаш кога…

– Ако го познавам лично и ако му ги знам маките. Не познавам ниту еден политичар.