фото: Приватна архива

Никола Маџиров е поет, есеист, преведувач, роден 1973 година во Струмица. За книгата „Преместен камен“ ја добива меѓународната поетска награда „Хуберт Бурда“ како и наградата „Браќа Миладинови“ на „Струшките вечери на поезијата“. Меѓу останатите награди се и „Студентски збор” за дебитантска книга на Македонија (1999), наградата „Ацо Караманов“ (1999), „Шу Жимо силвер лиф” наградата за европска поезија на „Кингс колеџ“ во Кембриџ (2016), главната награда на Меѓународниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив (2019), како и Пекиншката награда на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021).
Британскиот весник „Гардијан“ ја објави листата на најзначајните љубовни стихови на светската поезија напишани во последните педесет години и таму беа вклучени и стихови на Маџиров. Негови стихови и есеи се објавувани и во лондонски „Тајмс“, германските „Ди Цајт“ и „Тагешпигел“, швајцарскиот „Ноје цирхер цајтунг“ (NZZ), а за поезијата на Маџиров позитивно се изјаснија и британскиот радиосервис Би-би-си, германското национално радио, како и германскиот неделник „Дер Шпигел“, шпанскиот дневен весник „Ел Паис“, американското списание „Ворлд литератур тудеј“ и многу други. Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици.

Сфаќаме дека живееме во кафез секојпат кога…
– Забораваме на отворените неба во себе.

Осаменоста значи…
– Целовитост. Осаменоста е чувство, самоста е состојба. Кога си осамен, клучот од затворената врата е во тебе. Кога си сам, клучот е скршен во другата страна од бравата.

Неопходно е да бидеме сурови со себе затоа што…
– Одново и одново се раѓаме, а раѓање без болка е како смрт без љубов кон светот што се напушта.

Неопходно е да бидеме нежни со себе затоа што…
– Одново и одново се будиме со нови граници на времето исцртани врз нашите лица.

Телата си ги потценуваме и преценуваме затоа што…
– Сенките ни се зголемуваат и намалуваат секогаш кога се обидуваме да ги дофатиме ѕвездите.

Умираме по малку секојпат кога…
– Ќе ја откопаме гордоста којашто вчера сме ја погребале.

Мигот што (не)свесно сме го потцениле може да нè чини…
– Бескрајно трчање назад низ вагоните на животот.

Вреди да премолчиме кога…
– Со плач се најавува нов живот од утробата. Или кога со молк се најавува нечие отсуство. Или кога гласно сакаат од нас да ја изнудат тајната на раѓањето на зборовите, како солзи низ вените на чистата мисла.

Поет без јазик е…
– Молња без небо и тишина.

Да се биде поет во Македонија значи…
– Да се прашуваш над секое прашање, секој извичник да го претвориш во три точки… да се обидуваш да поминеш без длабоки рани низ лавиринтот на наследените контексти, да го издигнеш моментот над монументалноста.