фотографии: Александар Златев

Калина Малеска e македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка. Неодамна излезе од печат нејзината четврта збирка раскази „Скопје во високата зона“ во издание на „Или или“.

Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Со свои трудови од областа на книжевната наука има учествувано на повеќе меѓународни семинари, конференции и конгреси. Нејзини книжевни есеи се објавени во повеќе македонски и меѓународни списанија.

Имаме потреба од сензации затоа што…

– Ни даваат можност да напишеме за нив иронични раскази.

Чувството на немоќ создава од човек…

– Човек со чувство на немоќ. Мислам, тешко дека можам да најдам попрецизен опис за тоа што прави од човек чувството на немоќ.

Те фаќа очај кога ќе видиш дека…

– Тешко ми е да издвојам неколку ситуации, ме фаќа очај повремено и секогаш се обидувам брзо да го надминам (успевам некогаш, не дека не).

Понекогаш знаеме да „замижиме“, арно ама…

– „Арно ама“ е клучниот термин. Околностите ни влијаат до бескрај, а ние можеме да замижиме на кратко за да земеме здив.

Човек ги релативизира фактите затоа што…

– Би згрешил ако ги апсолутиризра.

Имаш чувство на вина кога…

– Секогаш.

Во високата зона (не)комфорно е да се живее затоа што…

– Сега се мислам дали да одговорам зошто е комфорно да се живее во високата зона или зошто е некомфорно.

Го прегрнуваш светот секојпат кога…

– Ќе изгрее сонцето. Дали прегратката ќе потрае додека да зајде, зависи.

Човек е мал кога…

– Да си допуштам конвенционален одговор – кога ќе помисли на вселената.

Бајките се неопходни затоа што…

– Ни даваат многу можности да си замислуваме дека ако живеевме во времињата што ги опишуваат, ќе можевме многу работи да смениме.