Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист…Активно работи во сите сфери на уметноста, а светот без луѓе како него би бил многу сиромашно место за живеење.

Не се сакате себеси кога…

– Секогаш се сакам себеси, но оддалеку.

Човекот без страст би бил…

– Мермерен бирократ.

Кога после смртта би се реинкарнирале, би сакале да се родите како…

– Света крава во пролетна ливада.

Животот без секојдневни ритуали би бил…

– Како комарец што се плаши од крв.

Да можете да ја искомпонирате музиката што ќе отсликува вашиот живот би звучела како…?

– Дедлајнерски блуз.

Да не се сомневаш во себе значи…

– Да си тој од другата страна на огледалото.

Луѓето со лоша смисла за хумор се…

– Секој хумор е добар, без разлика дали е смешен или не.

Идеално општество е она во кое…

– Идеите би виселе на дрвјата како највкусни овошки – достапни за сите, за разлика од сега – кога на дрвјата висат идеалистите-правдоборци.

Не сме слободни сѐ додека…

– Се плашиме да се спротиставиме на себеси.

Кога секој ден би морале да јадеме сладолед, вашиот би бил со вкус на…

– Кога би морале, сладоледот би бил невкусен.