Јасна Котеска: Храброста е доблест помеѓу плашливоста и лудоста

1138

Јасна Котеска е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Авторка е на 11 книги и преку 200 студии, некои од нив преведени на преку 12 јазици. Се занимава претежно со 19 – вековната филозофија и книжевност, вклучувајќи ги книгите за австрискиот психоаналитичар Сигмунд Фројд, за данскиот филозоф Серен Кјеркегор, како и студиите за Франц Кафка, раната психоанализа, интимноста, санитарноста, траумата и ресантиманот.

Општествената репутација е (не)важна кога…

Општествената репутација е илузија, никој ја нема. Вербата во својата репутација е како изреката за стоматологот, кој доколку самиот си ги поправа забите, има будала за пациент.

Луѓето што не знаат да прават шеги на своја сметка…

Се луѓе кои во осамата на своите соби честопати создаваат најгромогласни шеги за човечкото постоење. Немам високо мислење за хуморот на секојдневието. Хуморот го крие вишокот садистичко уживање вградено во поредокот. Шегите на своја сметка се исти со тие на туѓа, а плус имаат и перфиден привид на скромност. Хуморот за масите е со цел човек подобро да го усогласи своето место во системот, повеќе да го одобри, подобро да се вклопи, да ја легитимира суровоста преку сарказам. Чаплин, на пример, е ужаснувачки хумор, еден од првите кои ги експлоатираше мас-формите на денешната машинизирана смеа. Слободната смеа се јавува само кога се разобличува системот. Кафка е автентичен хуморист. Бекет е генијален комичар. Буда е весел, носител на слободната смеа.

Бегаш од…

Се обидувам да бегам од пороци. Од премногу и премалку, во смисла во која великодушноста е средна мерка помеѓу скржавоста и расипништвото. Храброста е доблест помеѓу плашливоста и лудоста. Самодовербата е средна мерка помеѓу самоодрекувањето и суетата. А најмногу бегам од ефектите на моќта. Тие се најстрашна форма на тага.

Историјата е важна затоа што…

Е огледална со иднината, работите кои еднаш се случиле, ќе се случат повторно. Освен тоа, историјата ги редуцира предметите до зборови, а во сосема конкретна смисла, зборовите се штит против настаните и предметите.

Во твојата глава иднината е убава кога замислуваш…

Храброст, мудрост и љубов, буквално по овој редослед.

Светот без граници би бил…

Парадоксално, свет на хаосот.

Кога би имало инвазија на Земјата од високоинтелигентна раса вонземјани, тие би си помислиле…

Би помислиле: фала му на универзумот што сме на повисоко место во ланецот на исхраната. Еве се шегувам со хуморот на масите. Ние, како човечка раса, немаме речиси никаков капацитет да ја замислиме таа средба.

Најдоброто и најлошото излегува од нас во ситуации на…

Раб, на праг. Таму избива сета комплексност на човечката природа. Како кај Достоевски, кај него сите битија се во рабна ситуација.

Најголемо зло е…

Дека „Земјата личи на шарена бонбона во вакуум“, како што гласеше еден од првите извештаи на астронаутите во 20 век кога ја погледнаа Земјата од вселената. Нема ништо. Ако нема ништо, осудени сме на тоа што во теорија на игрите се нарекува Zero sum game. Теорија на резултатот нула. Каков и да е резултатот од некоја акција, игра, резултатот секогаш е нула. Ако резултатот од фудбалскиот натпревар е 2:0, тоа е се’ уште Zero sum game, затоа што Манчестер можел да победи, само затоа што Арсенал изгубил. Ултимативно никој не победил, во смисла дека нема победа на човештвото, нема победа без губиток. Во оваа смисла, најголемото ултимативно зло е затвореното небо.