Инес Ефремова: Плаши кога си лице в лице со некој што не се крие зашто и тебе те открива

875

Инес Ефремова е ликовна уметница, која има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за ликовна педагогија. Активно твори повеќе од деценија и на културната сцена е присутна преку бројни групни и самостојни изложби. Нејзините дела најчесто се комбинација на дигитални и традиционални ликовни техники и медиуми, а создава и перформативни дела.

Лицата без шминка се…

– Страшни. Плаши кога си лице во лице со некој што не се крие, затоа што и тебе те открива. Сонувам да пораснам до таква храброст, па да прекинам да ги пудрам душата и јазикот.

Да не се бунтуваш значи…

– Да не мислиш, да не растеш. Ама се важи ако прво постојано се бунтуваш против себе. Инаку е пубертетлиско кенкање и бегање од одговорност.

Јавното мислење креира „вистина“ што…

– Црната овца е сама овца, изложена на предаторот. Биолошки сме штелувани да се приклониме кон мнозинството – таму се сите, мора да е правилното. А, манипулаторите добро го знаат ова.

Се лажеме себеси затоа што…

– Така не мораш да влезеш во арената на животот, можеш успано да јадеш пуканки од страна.

Подарено време значи…

– Подарен живот. Нема поголем поклон и чин на љубов.

Робови сме сѐ додека…

– Стравот ни е поголем од љубовта.

Сиромашен е оној што…

– Ги штеди и крие своите чувства, таленти и приказни. Нема што да даде, нема што да прими. Тоа е суштинска беда.

Да се биде родител значи…

– Да се биде пред вистината. Детето е огледало во кое ги гледаш сите свои слабости, стравови и грешки. Па, учиш дека љубов даваш и примаш само така – соголен до вистина.

Во сеќавања ни остануваат работите кои…

– Не се гледаат и не се бројат. Не можам да се сетам како бев облечена на 16 години, иако тоа тогаш ми беше многу важно. Ама, се сеќавам до детаљ како бев вљубена за првпат.

Би била политичар само во ситуација на…

– Преселба на Марс. На оваа земна рамнина тоа е игра во која може да победиш само ако не играш. Дојдов, ја видов од блиску, кренав раце.