Иван Шопов: Љубов без почит е како меана без пиво

474

Иван Шопов е македонски писател, кој има завршено општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Ги има објавено книгите „Азбука и залутани записи“ (2010), „Меше на годината“ (2012), „091 – антиразгледници од Скопје“ (2017), „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и „Изгубените чевли на Скопје“ (2019).

Пишува проза, поезија, хаику и сатирични статии. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик.

 

Почит без љубов бива. А љубов без почит?
– Љубов без почит е како меана без пиво. Или уште полошо, како меана во која има само мало пиво.

Понекогаш се „криеш“ зад хуморот затоа што…
– Не би рекол дека се кријам зад хуморот. Ако се погледне поубаво, токму тогаш сум најразголен. Тоа е мојот најсериозен духовен стриптиз.

Најтопла е дланката на…
– Најтопла е дланката на оној/онаа што ќе ти удри шлаканица тогаш кога ќе ти откажат сопирачките.

Најголем страв ти е…
– Најмногу се плашам од минливоста. И покрај тоа што знам дека таа ни го осмислува постоењето.

Наведната глава сабја не ја сече. А ненаведната?
– Ненаведнатата глава порано ја сечеле. Сега само не ја есапат.

Човек се претопува во масата тогаш кога…
– Кога подлегнал на дресурата. Или кога претопувањето во масата го користи како камуфлажа, како стратегија за преживување…

Живот без сомневање е…
– Безбедно патување во стеснетиот простор на глупоста.

Политика што не препознава култура е…
– Варваризам од најлош вид. И нешто со кое многумина во Македонија се помирија.

Би мигрирал на друга планета во ситуација на…
– Кога планетата Земја ќе остане без последниот мајстор за „фиќо“.

Кога би можел да пееш на фестивал, би го одбрал…
– „Гоце фест“, се разбира! Сите други фестивали се здодевни и прозаични во споредба со овој.