Д.А. Лори: Осудените на слобода жедни преку вода поминуваат

304

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е македонска поетеса, родена во Германија. Нејзините песни за првпат се објавени во „Букбокс“, по што следи соработка со издавачката куќа „Блесок“, за која во 2014 година ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016 ја објавува книгата „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Во 2019 година излегува нејзината трета книга „Небо во кафез“.

Нејзината поезија е објавувана во магазини, онлајн-изданија и списанија за литература.

Среќен умира оној што…

– Го изодел патот со ширум отворени очи, дарба за сонување и радост за малите нешта.

Неизбежно е да си роб на општеството во ситуации на…

– Вечна транзиција. Иако, и овие до коленици зацапани во капитализам не се нешто поразлични, единствено што клучот од кафезот им е поблизу на дофат.

Свесна си дека е доцна кога…

– Почнува да ме пече каење, а сѐ уште не умееме да го вратиме времето назад.

Човештвото е за презир затоа што…

– Сме лакоми, ситни и ненаситни.

Времето за себе е …

– Парче мир во кое можеш да си го слушаш дишењето.

Домот е…

– Таму каде се враќаш од некаде и ја фрлаш торбата во некое ќоше, уморна си, ама сакаш и те сакаат, и времето на моменти може да почека.

Осудените на слобода се…

– Растргнати од изборот што го имаат, лесно се трошат од двоумење и думање, и жедни преку вода поминуваат.

Пишување без искреност е…

– Куп зборови и мисли кои нит мрдаат нит претаат.

Прегратка е…

– Лек, момент во кој се собира сета топлина, сѐ што сакаш да кажеш без ниеден збор да прекршиш.

Свет без правда е…

– Пробисвет, во него главите на системот тераат сеир со онаа, сега веќе старана: Нема правда, нема шо?!