Ана Мартиноска: Светот би бил побезбеден кога со него би владееле жени

574

Борбата за еднаквост, во секоја смисла, не може да се замисли без Ана Мартиноска. Таа е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка. Преку пишаниот збор и културна активност, секојдневно ги застапува правата на жените, ентичките заедници, сексуалните малцинства, жртвите на насилство и на сите што се дискриминирани во општеството.

Најмногу те радува…
Насмевката на мојот син Јон. Мајчинството навистина отвора нови, чудесни категории на емоции неспоредливи со што било друго.

Најголемата болка на човештвото е…
Уништувањето на природата, доведувајќи го во ризик опстанокот на многу загрозени видови, но и нашата иднина.

Светот без култура би бил…
Безбоен и незамисливо здодевен.

Денот е пропаднат кога…
Не си научил ништо ново.

Се разочаруваш кога ќе видиш…
Дека сме опкружени со толку многу омраза, насилство, дискриминација, нетолерантност… Долг е списокот, за жал.

Луѓето прават разлика меѓу она што е добро и она што е лесно кога…
Ним им одговара, а почесто се прават наудрени свесно „продавајќи“ го второто за првото.

Кога мнозинство претседатели на светот би биле жени, светот би бил…
Поинклузивен, побезбеден, попрогресивен, поотворен за промени и дијалог. И ова не е празна феминистичка пропаганда што тврди дека жените се подобри лидери, туку едноставно – предолго им бил попречуван патот, а гледаме до кое дереџе стигна светот воден од мажи.

Од уметностите најдрага ти е…
Литературата, иако ги сакам и сликарството, театарот и филмот, не задолжително по тој редослед. Ова ми се чини како речиси невозможен избор, како да ја споредам возбудата која во мене ја предизвикуваат стиховите на Конески, бурите од платната на Ајвазовски, сензуалната естетика на Кар-Ваи и уникатната театарската експресија на Коршуновас, да речеме?

Ако не постоеше критиката, ќе постоеше…
Само молк! Валоризација, аксиолошки параметри и конструктивна критика се неопходни за прогрес.

Во Данска децата на училиште учат што е емпатија. Македонија ја доживуваш како емпатска земја во ситуации на…

Победа на доброто во луѓето, индивидуални примери на подадена рака и споделена емоција. Сепак, треба да го следиме примерот на Данска, имаме уште многу за учење на оваа тема!