Градот во американската сојузна држава Флорида, Мајами Бич, беше најскапата дестинација на светот за Нова година, според истражувањето што го спроведе сајтот „Чипхотелс. орг“ (CheapHotels.org). Меѓу најскапите 10 града е само еден европски – Единбург.

Во рамките на истражувањето, споредувани се цените на хотелите во 50 големи градови низ светот. За секоја дестинација е евидентирана цената на најевтината двокреветна соба за три ноќевања, од 30 декември до 2 јануари. Предвид се земени само хотелите што се наоѓаат во центарот на градовите, кои имаат најмалку три ѕвездички и чии рецензии од страна на гостите се главно позитивни.

Во прворангираниот Мајами Бич, цената на ноќевање за најевтината соба беше 365 долари, веднаш зад него се Њу Орлеанс (304 долари) и Нешвил (284 долари). Следуваат „Њујорк (275 долари) и Хонолулу (264 долари).

Надвор од границите на САД, најскап град е Канкун, со цена од 228 долари за ноќевање, со што е шестата најскапа дестинација. Потоа следуваат Лас Вегас (225 долари) и Единбург (221 долар).

На деветтото и на десеттото место се најдоа Рио де Жанеиро (206) и Лос Анџелес (205 долари).

Авторите на истражувањето нагласуваат дека пандемијата на ковид-19 и натаму значително влијае на цените во хотелите на глобално ниво.
На пример, во Дубаи и во Сиднеј, кои беа меѓу најскапите дестинации за Нова година во 2019-та, годинава цените беа пониски за 50 отсто, а во Хонгконг дури за 70 проценти.