Една од најголемите холивудски агенции за таленти во петокот (30 јули) упати остри критики на сметка на филмското студио „Дизни“ во ескалирачкиот јавен спор околу тврдењата на Скарлет Јохансон дека изгубила пари со стримувањето на нејзиниот филм „Црна вдовица“.

Брајан Лорд, ко-претседател на Агенцијата за креативни уметности (Creative Arts Agency), го обвини „Дизни“ дека го нападнал ликот на актерката и открил дека ѝ биле платени 20 милиони долари за филмот „во обид да го наоружа нејзиниот успех како уметник и деловна жена“.

Изјавата на Лорд, кој исто така ја застапува Јохансон, доаѓа еден ден по веста дека sвездата на „Црна вдовица“ поднела тужба со која го обвинува „Дизни“ за прекршување на договорот со неа со објавување на филмот од 9 јули на својата стриминг-платформа во исто време кога се прикажуваше во кината, со што го намали нејзиниот очекуван удел од профитот на киноблагајните.

Тужбата предизвика шок во Холивуд додека медиумските компании се обидуваат да ги зголемат своите стриминг-услуги, нудејќи премиум содржини во исто време или речиси во исто време кога филмовите се прикажуваат во киносалите, иако многу од нив се затворени среде пандемија на Ковид-19.

Јохансон (36), една од најпопуларните актерки во Холивуд и меѓу оние со најголема заработка, сними девет Марвелови филмови со „Дизни“.

„Дизни“ возврати во четвртокот со соопштение во кое тужбата на Јохансон ја нарече неоснована. Исто така, откри дека таа добила 20 милиони долари за филмот.

„Тужбата покажува бесчувствително игнорирање на последиците од пандемијата,“ наведе компанијата.

Деталите за холивудските филмски договори и какви било спорови обично се решаваат зад затворени врати.

Еден ден по соопштението на компанијата, Брајан Лорд коментираше: „Дизни бесрамно и лажно ја обвини госпоѓа Јохансон дека нема чувство за глобалната здравствена криза.“

„Дизниевиот директен напад врз нејзиниот лик и сè друго што имплицираа е под нивото на компанијата со која многу од нас во креативната заедница успешно соработувавме со децении,“ додаде Лорд.
„Црна вдовица“, сторија за поранешна руска атентаторка која потоа станува одмаздник, заработи 80 милиони долари на киноблагајните во САД и Канада во текот на првиот викенд. Филмот генерираше и дополнителни 60 милиони долари преку Дизниевиот стриминг-сервис „Дизни плус“.