Во спомен на прерано починатиот пријател, другар и планинар, ПЕД „Ендорфин“ од Кичево, в недела го организира третиот меморијален планинарски марш „Сашо Костадиноски“. Маршот ќе се одвива на планината Гољак, а цел на учесниците ќе им биде највисоката кота на оваа планина Веливрв, со надморска височина од 1.535 метри.

– Маршот ќе започне во 7 часот наутро од селото Брждани (старото село), кое се наоѓа на 880 метри надморска височина. Потоа ќе се движиме по маркирана патека, која во најголем дел води низ букова и дабова шума, а последниот половина километар ќе биде по тревен терен, по што стигнуваме на крајната цел – Веливрв.

Должината на патеката во еден правец изнесува околу 6,5 километри и се очекува околу 11 часот да се најдеме на нашата одредница, а по еден час дружба и фотографирање на врвот, ќе се вратиме на појдовната точка во старото село Брждани. Таму, во црковната трпезарија ќе организираме заеднички ручек, што ќе се состои од традиционално планинарско гравче. За време на неделното искачување на Гољак, ќе мораме да совладаме висинска разлика од околу 680 метри и вкупно да препешачиме околу 13 километри – информираа од ПЕД „Ендорфин“ Кичево, од каде што очекуваат голем одзив од своите членови, како и учество на планинари од други градови, како што беше тоа случај претходните две години. Инаку од врвот Гољак погледот допира речиси до целата Кичевска Котлина.