Литературата за деца е слободна зона, во која секогаш има место за нови креативци

Не постои презаситеност, ниту редица во која еден автор може да му го земе местото на друг, вели Сузана Мицева

Дали на литературата за деца во нашата земја ѝ е потребно освежување, нови имиња, нов пристап? За македонските автори од помладата генерација, кои сѐ уште го бараат своето место во творештвото за најмладите читатели не постои презаситеност, ниту редица во која еден автор може да му го земе местото на друг, додека за оние позрелите, веќе етаблирани имиња, секогаш има потреба од нови имиња, но не постои успех прекуноќ, бидејќи творештвото е постојано креативно раѓање и постојано учење.

За Сузана Мицева, авторка за деца и возрасни од помладата генерација, литературата за младите читатели е слободна зона, во која секогаш има место за нови креативци.
– Никој не може ниту да ни го даде ниту да го одземе тоа место. Едноставно е, мора да се пишува и твори, да се буди и развива потенцијалот. Спонтано се создава тогаш простор за нашите дела. Не постои презаситеност, ниту редица во која еден автор може да му го земе местото на друг. Зарем е можно да се претера со добри четива, многу текстови и стихови, ви здосадува ли од добар хумор и инспиративни илустрации? А пак кога станува збор за децата, кои своите први визии за светот можат да ги растат токму на вашите приказни и досетки, мислам дека нема поголема чест за еден автор – посочува Мицева.

Жаклина Мучева, која по долгогодишно искуство како новинарка, неодамна ги објави своите две книги за деца, смета дека кај нас нови авторски имиња се појавуваат, носат новини, но недостигаат други одржувачки елементи за опстојување и унапредување на литературата за деца.
– Имам чувство како литературата за деца да постои само колку да ја има, никој вистински не инвестира, не следи што се случува во светот, не го истражува пазарот, не се прави анализа за побарувачката и понудата, ниту пак некој се грижи за маркетингот. Сите знаеме дека читањето книги се учи во детството. Дали ќе биде класична книга или електронска верзија, не е важно. Битна е навиката. Ако издавачите размислуваат само за опстанок или приход, како да прават стратегии за одржливост, развој или иновативност – категорична е Мучева.

Филип Димкоски, поет за деца и возрасни, смета дека напливот на нови наслови за најмладите, несомнено, ќе доведе и до зголемување на квалитетните четива.
– Последниве неколку години се појавуваат многу нови книги за деца од македонските автори, со што се сака да се надмине лошата состојба и да се пополни големата празнина, не само од книги за деца туку и од содржините за деца воопшто, како што се филмови, серии, фестивали, театарски претстави. Во морето од нови книги, секако квалитетните кога-тогаш ќе испливаат на површина и ќе остават долгогодишен, траен печат. Меѓутоа, жално е ако се сфати дека творењето за деца е стихија и ако се тргне да се создава од примарно комерцијални и популистички цели. Творештвото за деца треба да биде исклучиво плод на човекољубие, љубов кон децата и желба за поведра, покреативна, поуспешна и поубава сегашност и иднина на дечињата. Тоа е континуиран и посветен процес и авторот го носи тоа додека е жив. Треба да им се честита на авторите што го сфатиле тоа и го применуваат. Децата, родителите и наставниците знаат да го препознаат тоа, да го оценат и да го надградат – вели Димкоски.

За писателот Трајче Кацаров, чие драмско творештво се игра во целиот регион, а литературата за деца е сѐ поприфатена од оние на кои им е наменета, новите творци се нов стимул на ова креативно поле.
– Македонската литература за деца, како и онаа за возрасни, е отворена сцена. Тоа само по себе зборува дека новото во литературата ќе биде реалитет што ќе има и временска и просторна и генерациска (се мисли на обожавателите) оправданост. Новото во литературата за деца може да се дефинира и како ветер во едрата на бродот, литература за деца на која веќе одамна ѝ е дојдено времето да тргне кон нови хоризонти – вели Кацаров.

Стојан Тарапуза, познат и признаен автор за деца, кој сѐ уште работи со истиот елан со кој почнал да создава пред повеќе од 60 години, смета дека во македонската литература за деца се пополнува јазот и има сѐ повеќе млади автори што создаваат дела наменети за најмладите читатели.

– Тешко на онаа литература што нема подмладување. Но малку ме загрижува фактот што младите сакаат да успеат уште со првата книга, нестрпливи се. Затоа им препорачувам да не брзаат многу, оти творештвото не е само вештина, туку постојано креативно раѓање и постојано учење – вели Стојан Тарапуза.