Фото: Каролина Мицевска

Опатија е водечкиот монденски туристички град на полуостровот, а најголемо место е Пула, чиј белег е познатата Пулска арена, шеста по големина во светот

Репортажа од Истра

Море, природа, вино, вкусна риба, тартуфи… Тоа е само дел од она што може да ви го привлече вниманието ако го посетите полуостровот Истра, и тоа во кој било период од годината. И во овие зимски денови на Истра беше сончево, со температури до 10 степени, доволно високи за шетање и уживање, за откривање на истарските убавини, без оглед дали сте во хрватскиот или во словенечкиот дел на полуостровот, а дел ѐ припаѓа и на Италија.

Името на полуостровот потекнува од името на историското племе Хистри, кое живеело во ова подрачје. Тука сега живеат најмногу Хрвати, па Словенци, но има и Италијанци. Нашата цел беше посета на поголемите градови, почнувајќи од Опатија, завршувајќи со Копер.

Заедно со поголема група патувачи-откривачи, со посредство на туристичката агенција „Бран“, во Опатија, град со околу 12.000 жители, стигнавме околу пладне.

Нема некој што не чул за водечкиот монденски туристички град, сместен под планината Учка, што плени со убавата природа, морето, старите градби, со многубројните културни и спортски настани, со богатиот ноќен живот. Но Опатија не е само туристичко место туку и град за семинари, конференции и разни бизнис-средби.

Не ја пропуштивме вообичаената прошетка по Лунго Маре, посета на најстариот хотел „Кварнер“, на црквата „Св. Јаков“, вилата „Анџолина“. Се фотографираме за спомен и покрај делото „Девојката со галебот“ од скулпторот Звонко Цар, поставена уште во 1956 година. Поминавме и по Патеката на славните, на која се испишани имињата на познати хрватски писатели, спортисти, музичари…

Следната дестинација беше најмалиот град Хум, со околу 20 жители. Вистинска атракција со автентични стари куќи изградени од камен, со богата историја.

Продолживме кон Пула, најголемиот град во Истра, со околу 60.000 жители, каде што неодминлива е глетката кон Пулската арена, шеста по големина во светот, започната да се гради во време на владеењето на царот Август, доградена во време на Клаудиј, додека конечниот облик го добила за време на царот Веспазијан. Важи за најдобро зачуван амфитеатар од антиката до денес, каде што се одржуваат голем број летни фестивали и други културни настани, меѓу кои е и познатиот Пулски филмски фестивал.

Додека шетавме низ градот, водичот ни раскажа и за другите знаменитости на Пула: Храмот на Ром и Август и триумфалната порта именувана „Славолук“ на Сергеевците, Двојната врата, византиската базилика „Св. Марија Формоса“, катедралата „Вознесение на блажена Дева Марија“, ѕвездоликиот Каштел, пулските фортификации. Стариот дел остава убав впечаток со тесните улички, средновековните и ренесанси згради, поплочени со антички римски плочи. Следниот ден следуваше посета на малиот Умаг со интересни тесни улички, венецијански куќи, но и барокни ренесансни градби. А Новиград, мало рибарско, но и туристичко место во Истра, нѐ привлече со своите историски градби – триимената црква „Св. Марија, св. Максим и св. Пелагија“, заштитничка на градот, добро зачуваните тврдини, светилникот…

По малку одмор, следуваше откривање на нов предизвик – Пореч. Од убавините, ќе ја издвоиме Еуфразиевата базилика од 5 век, која е под заштита на УНЕСКО. Го вкусивме и убавото црвено вино „теран“, традиционално за овој дел од Истра. Набргу се упативме кон Ровињ, со попатна посета на Врсар. Бидејќи патем застанавме за да го видиме прекрасниот Лимски Канал, кога стигнавме во Ровињ, сонцето полека заоѓаше. Фантастична глетка, која морав да ја овековечам со својот фотоапарат. Ова е едно од најпосетуваните места на Истра, а симбол на градот е црквата „Св. Еуфемија“, од каде што се протега фантастичен поглед кон морето. Стариот дел од градот е вистинско место за уживање. Ровињ е најпосетен во летниот период, кога се случуваат интересни настани, кои ги привлекуваат илјадниците туристи. Тука живеат и Македонци, кои имаат свои бизниси.

Не помалку убавини и восхит предизвикуваат монденските летувалишта во словенечкиот дел: Порторож, Пиран, Изола и Копер.

Словенечкиот туристички бисер Порторож го красат многу хотели, ресторани, кафулиња, дискотеки, казина… А Пиран е популарно одморалиште во кое туристите се вљубуваат на прв поглед. Плоштадот „Тартини“, во чиј центар е споменикот на познатиот композитор, е срцето на градот. Тесните улички водат кон црквата „Св. Ѓорги“, со прекрасна околина. Во Пиран, пак, доминира венецијанскиот стил на архитектура, а покрај морскиот брег се лоцирани голем број ресторани и кафетерии.

Изола е мало место изградено на остров, а Копер е најголемо пристаниште. И тука има што да се види – Титовиот плоштад, Праеторската палата, катедралата…

Брзо поминаа деновите предвидени за посета на полуостровот Истра, која нѐ восхити со својата историја и со малите питоми гратчиња, кои изобилуваат со автентични градби и приказни поврзани со нив.