Со ракетата „Спејс-икс“ на Илон Маск во вселената полетаа првите четворица вселенски туристи – цивили. Вселенските туристи безбедно го завршија своето патување во орбитата во саботата, со спуштање во Атлантикот во близината на брегот на Флорида. Нивната капсула „Спејс-икс“ падна со падобран во океанот непосредно пред зајдисонце, недалеку од местото каде што започна нивниот лет три дена претходно.
Мисијата „Инспирејшн 4“ е првата што се одвива во орбитата на Земјата без професионални астронаути. Летот на ракетата „Спејс-икс“, која беше лансирана од Кејп Канаверал во Флорида, е изнајмен од американскиот милијардер Џаред Исакман, основач и извршен директор на компанијата за обработка на плаќања „Шифт4Пејмент“, наедно и искусен пилот. Официјално не е соопштена точната сума што тој ја платил за летот, но „Тајм магазин“ објави дека четирите места за вселенскиот лет чинеле 200 милиони долари. Вселенското летало „Кру Драгон“ на „Спејс-икс“ ќе лета подалеку од орбитата на Меѓународната вселенска станица, тоа е управувано од автопилот и по потреба може да се управува од Земјата. Вселенското летало е опремено и со посебна набљудувачка купола за туристите астронаути да можат да уживаат во глетките во вселената на околу 575 километри височина.
Конкурентските фирми „Виргин галактик“ на Ричард Брансон и „Блу оригин“ на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, на богатите туристи досега им понудија само неколку минути во бестежинска состојба.