Рамиз Алимовиќ, тапанар и занаетчија

Во изминатите 50 години тапанарот Рамиз Алимовиќ од Кичево, бил дел од над 10.000 свадби и други веселби. Освен во градот во кој живее, настапил и низ повеќе места во земјава, како во Србија, Хрватска, Германија и во далечната Австрија.
Но покрај тоа што е одличен тапанар, Рамиз е и познат производител на овој инструмент, единствен мајстор во градот. Покрај тапани од сите големини, тој последните десетина година изработува и дајриња и тапанчиња, како играчки и сувенири.

– Уште од својата 13-та година почнав да свирам на свадби, најпрво на тарабука. Но, постепено во мене сѐ повеќе се зголемуваше желбата да почнам да свирам на тапани, кои се мој инструмент повеќе од половина век. Порано на свадби свиревме и по четири дена во неделата и тоа темпо го одржувавме цели 25 години. Настапувавме во градот, но и по селата, и имавме календар во кој дел од годината каде се прават свадби и други веселби. Нема град во земјава, ниту село во Кичевијата каде што не сум свирел, но често гостував и во странство меѓу наши печалбари и иселеници – вели мајстор Рамиз.

Иако е во својата седма деценија, тој и денес удира на својот тапан по разни пригоди, но многу поретко.

– Бројката од 10.000 свадби, во иднина, ако ме послужи здравјето, ќе биде уште поголема – додава Рамиз Алимовиќ.

Со активното занимавање со музиката тој ја прехранувал својата фамилија. Но Алимовиќ паралелно со свирењето, до совршенство го совладал и производството на тапани и важи за еден од најпознатите мајстори во земјава.

– Најпрво, почнав со изработка на тарабуки за себе, а потоа почнав да изработувам и тапани, за чија изработка ми беше потребна јарешка кожа, и штица од орев со дебелина од 8 милиметри, должина 1,40 метар и широчина од 43 сантиметри, која лесно се обликува. Освен од орев за оваа потреба може да се користи и штица од костен. За производство на еден тапан од стандардна големина, ми се потребни 4-5 дена, додека малите тапанчиња ги изработувам за ден-два. Покрај тарабуки и тапани, последните десетина години почнав да правам и дајриња. Инаку, цената за еден тапан е 9.000 денари, додека едно дајре го продавам по цена од 600-700 денари. Што се однесува до продажбата на тапани таа е нешто поголема во летниот период, додека во преостанатиот дел од годината, драстично се намалуваа. Во лето продавам и малечки тапанчиња, кои печалбарите ги купуваат како сувенири. Кожата за нивна изработка порано ја набавував од кожарниците низ државата, додека денес се снабдувам од Турција или од една кожарница во Куманово – вели Рамиз.

Покрај изработката на тапани од природни материјали, кожа и дрво, тој изработува тапани и од синтетички материјали, поточно од пластика.

– Времињата се менуваат, а со тоа и материјалите што се користат за изработка на тапани. Последните десетина години освен од природни материјали, сѐ повеќе се користи пластиката, која ја заменува кожата. Постарите свирачи претпочитаат тапани од јарешка кожа, а помладите сѐ повеќе ги користат тапаните од пластика, која според нив произведува посилен звук – додава мајсторот.

Сепак, тој предупредува дека најверојатно, производството на тапани по неговата смрт ќе престане да живее во Кичево и во околината.

– И покрај надежта дека синот ќе го продолжи мојот занает, мојата желба, сепак, не се исполни, бидејќи тој е вработен во една компанија и не е заинтересиран за овој занает. Исто како и внукот, кој воопшто досега не покажа интерес да продолжи да ги произведува овие инструменти. Токму затоа имам желба многубројниот алат што го поседувам, по мојата смрт да остане во мојата убаво уредена работилница, која ќе биде претворена во мал музеј – ни рече со тага во гласот Рамиз Алимовиќ.