Деветтото издание на „Робомак“, меѓународниот натпревар во областа на роботиката, електрониката и вештачката интелигенција, трае до сабота

Кристина Савевска годинава учествува на деветтото издание на „Робомак 2019“, меѓународниот натпревар во областа на роботиката, електрониката и вештачката интелигенција, кој трае до сабота. Целта на нејзината категорија е управување на роботот „Сферо“, при што роботот се соочува со две различни пречки, целни (зелени) пречки, кои треба да ги погоди, и црвени пречки, кои треба да ги избегне.

– Минатата година бев учесник во категоријата „Лајн фолоуер“, каде што целта беше да се изработи робот количка, кој треба да се движи по одредена патека и да успее да ја помине за најкратко можно време. „Робомак“ е одличен настан за секој што сака да се развива и да напредува во областа на роботиката, електрониката и вештачката интелигенција. Вистинска можност да се подобри знаењето, и тоа во значително краток временски период, преку многу практична работа. Се стекнуваме со одлично искуство за решавање проблем за кратко време и негова оптимизација, а секако тука е и дружбата со колегите и истомислениците. Оваа година решив да сум организатор, односно водич на една од категориите каде што исто така ќе имам можност да научам, но и да споделам знаење со тимовите што се натпреваруваат – вели Савевска.

Годинава учесниците се натпреваруваат во неколку категории. „Роботска рака“ е категорија каде што се гради кула од различни предмети. „Сумо“ е категорија каде што два робота се борат помеѓу себе, за едниот да биде исфрлен. „Лајн фолоуер“ е категорија наменета за хардвер-ентузијасти, во која натпреварувачите треба да создадат комплетно хардверско и софтверско решение. „Лавиринт“, пак, е категорија каде што со помош на алгоритми се решаваат едноставни и комплексни лавиринти. Во „ВИ фудбал“, каде што агенти интелигентно, со помош на вештачка интелигенција, симулираат фудбалски натпревар. „Сферо“, пак, е роботска топка, која со помош на камера и дигитално процесирање на слика селектира кои пречки да се избегнат, а кои да се турнат.

Учесниците имаат можност да работат во двојки, да ги употребат своите знаења и вештини, да се надградат и усовршат, како и да соработуваат со студенти до земјата и странство, како и да проследат неколку предавања и да се дел од работилниците.
„Робомак“ е во целосна организација на студенти, односно Студентскиот разгранок на македонската секција на ИЕЕЕ, како и студенти волонтери на ФЕИТ. Но, секако, свој удел и помош имаат и професорите. Целта на овој настан е да се зголеми интересот на младите во овие области.

– Постојано имаме учесници од повеќе држави, најмногу од Балканот. Бројот на учесници го ограничуваме на бројот на категории. И секоја година интересот е сѐ поголем. Годинава имаме 60 учесници, од кои 20 се странци – велат организаторите.

Оваа година првпат ќе се одржува категоријата „Робомак јуниор“, во која ќе учествуваат средношколци од цела Македонија. Учесниците можат да работат на своите кодови, односно роботи до сабота, кога ќе се одржи финалето на натпреварот во 18 часот, во Домот на АРМ. Настанот е од отворен тип и влезот е бесплатен за сите заинтересирани посетители.