Лицата со посебни потреби секојдневно уриваат бариери и невозможното го прават возможно

Восхитувачка е моќта на човековата волја, која понекогаш може да помести и планина. Лицата со посебни потреби со својата упорност, желба за докажување и потврда дека се еднакви со другите, секојдневно уриваат бариери и невозможното го прават возможно. Александар Матовски-Цако, Андреј Арсениевски, Марија Савеска и Мики Стојановски се вистински пример за храброст, истрајност и пред сѐ оптимизам, раководен од желбата да успеат во остварувањето на своите желби и соништа, кои, со оглед на околностите пред сѐ се однесуваат на нивната здравствена состојба, прифатеност од општеството и добивањето шанса да ги покажат своите вештини, знаења и таленти. И успеваат во тоа.

Александар Матовски-Цако (28), лице со Даунов синдром, неодамна се стекна со звањето дипломиран професор по предучилишно воспитание на македонски наставен јазик.

– Мојот основен мотив е стекнување нови знаења и вештини, како и желбата да се докажам пред самиот себе, а потоа и пред другите луѓе. Сите да разберат дека и ние со нетипичен развој можеме да постигнеме многу и да бидеме корисни членови на општеството, а не товар. Во целата таа борба имав голема поддршка како од семејството, така и од воспитувачките и негувателките, наставниците и професорите, роднините и пријателите. И успехот не изостана. Целото мое образование го имав во редовниот систем, од градинка до факултет. Менторката, проф. д-р Розалина Попова Коскарова, е еден од моите најголеми поддржувачи и мотиватори за постигнатиот успех – вели тој.

Александар издал две збирки поезија, тренира карате, од неодамна и танц во „Денсерс јунајтед“, а членува во многу невладини организации.
– Досега сум учествувал на многу конференции, семинари, домашни и меѓународни проекти. Имав и свое претставување во Обединетите нации на светската конференција за лицата со Даунов синдром. Водител сум веќе шест години на авторската емисија „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, а цело време сум вклучен и во социјалниот и културниот живот на мојот град Скопје – вели неуморниот и полн со оптимизам Александар Матовски.

Андреј Арсениевски е лице со церебрална парализа. Има 26 години и живее во Куманово. По дипломирањето на Економскиот факултет, се вработи како економист во Здравствениот дом во Куманово, а до завршување на магистерските студии му остана уште одбраната на магистерскиот труд.

– Животот е полн со предизвици и неочекувани ситуации, кои секоја личност мора да ги совладува и да се приспособува кон нив, а тоа е особено тешко кога, покрај секојдневните борби, уште од најмала возраст се бориш со хендикепот, кој те оневозможува во некои ситуации да ја достигнеш посакуваната цел. Но јас храбро, заедно пред сѐ со моите родители и сестра ми, кои ми беа и сѐ уште се мојата најголема поддршка, истрајав во мојата борба и ги пронајдов мојот пат и место во општеството. Првиот поголем животен предизвик беше започнувањето на моето школување, но, за среќа, вработените во ОУ „Кочо Рацин“ од Куманово, сите мои соученици, наставници и професори, подоцна и во средното образование, се однесуваа кон мене како еднаков и никогаш не почувствував дека сум дискриминиран.

Завршив средно економско училиште и одлучив економијата, а особено сметководството, да ми стане професија. Иако државата даваше во тоа време бесплатни студии за лица со попреченост на државните факултети, сепак далечината на Скопје и мојата физичка состојба придонесоа да се запишам на студии на „Еуро колеџ“, во мојот град. И овде бев одлично прифатен од колегите и од професорите, кои ме ангажираа во неколку проекти надвор од предавањата. Се надевам дека до крајот на годината и ќе магистрирам – ни рече Андреј Арсениевски.
Неговиот живот и функционирање добиле нова димензија откако еден од професорите на колеџот му дал можност за волонтирање во НВО „Порака наша“ од Куманово, која се занимава со грижа за лицата со интелектуална попреченост.

– Во „Порака наша“ бев ангажиран на неколку проекти, во кои имав можност да зборувам јавно на многу теми поврзани со животот на лицата со попреченост. Колку и да изгледа дека сме доволно вклучени и примени рамноправно во општеството, сепак државата и нејзините институции треба уште многу да направат за олеснувањето на нашите животи. Сите наши одделни успеси во разни области пред сѐ се плод на нашата упорност, големо одрекување и поддршка од семејството и затоа е потребно сите чинители од власта нашите реални потреби и можности да ги трансформираат во законски решенија. Само на таков начин ќе се надминат реалните проблеми и ќе бидеме поинклузивно вклучени во тековите на општеството – посакува Андреј Арсениевски.

Марија Савеска и Мики Стојановски, и покрај тоа што се лица со церебрална парализа и се движат со инвалидски колички, од кои што поскоро посакуваат да се ослободат, неодамна беа дел од еден голем проект, во кој направија вистински подвиг. Тие ги играа улогите на принцот и на Пепелашка во истоимениот балет, кој го реализира тимот на балетското студио „Еурека“ од Скопје, на чело со Катерина Јолаковска, прв во кој настапуваат и лица со посебни потреби, не само во Македонија туку и на Балканот.

– На 29 ноември ќе наполнам 21година и никогаш не сум помислил дека еден ден ќе ја играм улогата на „посебен“ принц и оти принцеза ќе биде Марија Савеска, мојата најдобра другарка уште од детските денови. За мене таа улога значи голем успех и совладан животен предизвик. Искрено, за време на подготовките стравував дали ќе успеам да ја одиграм успешно улогата, без да паднам или да се превртам од количката, бидејќи до третата операција јас не се движев. По петтата операција успеав да станам и да направам неколку чекори со одалка – ни откри Мики Стојановски.

Тој дополни дека во претставата играат пет лица со церебрална парализа.
– Заедно со мене на сцената се Марија, Дени, Јована и Иво и две лица со Даунов синдром, Марио и Стефан. Секое дете игра според своите можности. Наставничка Катерина Јолаковска од балетското студио „Еурека“ со огромна љубов работи со нас и многу сме ѝ благодарни. Но со нас играат и девојчињата од балетското студио, кои се навистина прекрасни. Досега одржавме неколку претстави во нашата земја, а неколкупати гостувавме и во соседните држави. Не се надевавме на толкав успех, на громогласни аплаузи од публиката што траат и по десетина минути, на многубројни честитки по претставите. Сѐ што е поврзано со претставата за мене е бесценето – ни откри со многу емоции Мики Стојановски.

За неговата партнерка на сцената, но и голема пријателка Марија Савеска (17) желбата да напредува на секое поле е целта што си ја поставила пред себе.
– Крајната цел ми е да проодам, бидејќи не се гледам во количка во иднина, но секојдневно си поставувам и помали цели и се трудам да ги остварам. Сакам со мојот пример да им помогнам на другите. И моја инспирација биле многу храбри луѓе, а ќе ја издвојам младата девојка Хелен Келер. А јас со мојот личен пример сакам да покажам дека со упорност, труд, посветеност и поддршка од страна, но најмногу од најблиските, може да се успее и да се постигне која било цел во животот. Сепак, морам да нагласам дека, освен од најблиските, поддршката од општеството е исто толку важна. Секојдневната помош што ја добиваме од родителите е исцрпувачка за нив, па затоа и тие треба да имаат поткрепа од разни институции, за да можеме заедно добро да функционираме – вели Марија Савеска.