Ова е период кога кај повеќемина се буди желбата да се посетат големите метрополи, но и шармантните планински села, каде што во помала мешаница, можете да посетите многу интересни локации, а ниските цени за сместување надвор од сезоната ќе му годат на вашиот буџет. Со европската железничка мрежа можете лежерно да ги истражите земјите и да го запознаете локалното население, кое зиме живее многу помирно за разлика од темпото во екот на летната туристичка сезона.

Албиско, Шведска
На ова место, кое е речиси на најоддалечената точка на северна Европа, можете да дојдете со воз, а се препорачува за љубителите на многу студена зима. Тука сонцето не се појавува неколку недели во декември и во јануари, но темнината го прави едно од најсоодветните локации на светот од каде што можете да ја видите поларната светлина (аурора бореалис).
Совет: Запрете во Кируна за да го посетите познатиот „Леден хотел“.

Копенхаген, Данска
За да доживеете европска зима од бајките, задолжително треба да го посетите Копенхаген, градот на Ханс Кристијан Андерсен. Откако ќе ја видите статуата на малата сирена на пристаништето, упатете се кон најкомфорните кафетерии во центарот. Веселата атмосфера ќе ви го згрее срцето, а криглите со националниот пијалак „глог“ ќе ви го згреат телото.
Совет: Јадете во ресторанот „Нома“, кој многумина го сметаат за најдобар на светот.

Јасна, Словачка
Словачка нуди висококвалитетно скијање по пристапни цени. Сместувањето и храната исто така се разумни, а тука е и љубезноста на домаќините, која им недостига на некои од популарните алпски зимски одморалишта. Јасна е најдоброто словачко зимувалиште, со убави долги скијачки патеки.
Совет: Летот до Словачка може да биде скап, па ова нека ви биде прва станица, ако патувате со воз низ Европа.

Трансилванија, Романија
Можеби вистинската атмосфера на татковината на грофот Дракула ќе ја почувствувате, доколку тука дојдете во зима. Челичното сиво небо, голите гранки на дрвјата и земјата окована со снег ќе придонесат за тоа. Брашов и Сигисоара, кои ги дели два часа пат со железница, се прекрасни средновековни градови. Таму престојувале Влад Тепеш и грофот Дракула, иако има и такви што се сомневаат во тоа.
Совет: Авторот на новелата за Дракула, ирскиот писател Брем Стокер, никогаш не ја посетил Романија.

Будимпешта, Унгарија
Вљубени двојки што се лизгаат држејќи се за раце, облечени во топли џемпери, и здив што им замрзнува додека раскажуваат некоја шега. Никаде нема подобро место за ова чувство, како во живописниот централен парк во Будимпешта. А ако ви студи потоа, Будимпешта е позната по своите термални бањи.
Совет: Навечер побарајте некој од пабовите, кои искрат со уметничка атмосфера.

Венеција, Италија
Еден од европските туристички брендови е Венецискиот карневал во февруари. Интересните костими и страшните маски ја оживуваат разноликата историја на градот на каналите. Бидете подготвени на огромна мешаница, од епски размери.
Совет: Сместувањето резервирајте го однапред.

Атина, Грција
Доколку во зима се искачите на Партенон, ќе ги снема сите летни метежи, високите туристички цени, горештината, редиците пред музеите и најпосетуваните локации, загадениот воздух. Зимата е најдобро време да се истражи античкото наследство на оваа земја, но и да се запознаете со локалната култура, музика и храна.
Совет: Можете да го посетите и Пелопонез, но не заборавајте дека во зимскиот период тешко се наоѓа сместување.

Андалузија, Шпанија
Делови на Андалузија се наоѓаат уште појужно и од самиот африкански брег, па можете да очекувате умерени температури во текот на зимата. Сместувањето е со достапни цени, а мешаницата е помала, доколку сакате да ги посетите познатите историски знаменитости како што се, Алхамбра во Гранада и катедралата во Севилја.
Совет: Упатете се и до Сиера Невада доколку сакате малку акција и снежни спортови.