Предупредувачките знаци на мерките за физичко дистанцирање станаа новата реалност. Ознаки што ги предупредуваат минувачите да се придржуваат до физичкото растојание, за да се спречи ширењето на коронавирусот, се појавија на подовите на трговските центри, тротоарите, трамваите и трамвајските станици во светот. Точките на подот, линиите, квадратите, срцата и насмевките се користат како знаци низ светот. Етикетите треба да бидат доволно впечатливи за луѓето да ги забележат. Знаците веројатно ќе станат вообичаени и би можело да бидат присутни со години, пишува „Ројтерс“.
– До поставување знаци насекаде дојде затоа што беше потребна исклучително брза реакција да се постави нешто, брзината беше клучна. Сега сме во еден момент што ни дава малку простор да размислиме – вели Крис Гирлинг од лондонската компанија „Дизајн енд ергономикс“.
Тој додава дека има збунувачки микс на стилови, бои, терминологија, размери и стратегии за поставување на знаците.

– Ова значи дека секојпат кога некој ќе влезе во друг простор, тој ќе треба повторно да ги научи правилата. Луѓето сакаат да се чувствуваат безбедно, самоуверено и смирено. Доколку можете да го постигнете тоа, тие за возврат, со поголема веројатност ќе влезат во продавниците и ќе бидат порелаксирани. Пораката мора да биде јасна и конзистентна и истата таа мора да биде усвоена -објаснува тој.
Натписите испраќаат порака за потребата од одржување физичка дистанца на различни начини. „За ваша безбедност, останете два метра оддалечени од другите луѓе“, се наведува на подот на бензинските пумпи на „Шел“ во Велика Британија. „Ве молиме, придржувајте се на физичката дистанца“, се вели на тротоарот во Санта Моника, Калифорнија. „Остани тука“, напишано е на англиски јазик во црвен круг на подот од продавница во Бејрут.

Гирлинг забележува дека ако ги користиме зборовите „застани“ и „оди“ на подиректен начин, тогаш луѓето го поврзуваат тоа со „опасни знаци и забранувачки знаци“, а ситуацијата со ковид-19 бара поинаков „тон“.
– Дефинитивно вреди да се испроба пристап што е поинвентивен и попријателски. Клиентите и пошироката јавност веројатно ќе го прифатат подобро, а има дури и простор за хумор – вели Гирлинг.
Според него, најдобрите системи на знаци треба да поттикнат линеарно движење и визуелно разбирање на насоката на движење. Неговиот предлог е да се користат ленти што ќе бидат патоказ и ќе ја менуваат бојата на секои два метра.
– Инстинктот за следење на линијата природно останува ист од детството до зрелоста, така што луѓето инстинктивно ги следат тие визуелни знаци додека одат. Знаците поврзани со пандемијата на ковид-19 треба да имаат впечатлива боја, која ќе стане препознатлива во тој контекст – заклучува Гирлинг.