Урнатините во Сансигдуи беа откриени случајно од еден кинески фармер во втората деценија од 20 век. Научниците веруваат дека археолошките наоди се остатоци од древното кралство Шу. Истражувачите веруваат дека тоа е една од најстарите култури во Кина, а наедно и во историјата на човештвото. Досега се откриени илјадници артефакти што се изработени од злато, бронза, жад и керамика. Повеќето од предметите се ритуално обезличени, запалени и внимателно закопани

Во 1986 година, археолозите во југозападната кинеска провинција Сечуан открија мистериозна цивилизација, која е стара околу 5.000 години. Истражувачите веруваат дека тоа е една од најстарите култури во Кина, а наедно и во историјата на човештвото. Истражувањата продолжија во наредните децении, а откритијата ја возбудија светската научна јавност.
Откритијата во Сансигдуи се значајни поради културните артефакти, кои се големи по обем и прекрасни, а истовремено се доказ за разновидноста и сличноста на античките цивилизации и култури. Денес откритијата во Сансигдуи се оценуваат како едни од најзначајните археолошки откритија во 20 век.
Урнатините во Сансигдуи беа откриени случајно од еден кинески фармер во втората деценија од 20 век. Локалитетот зафаќа 12 квадратни километри, а урнатините се наоѓаат во градот Гуанхан во провинцијата Сечуан, на околу 60 километри од Ченгду, главниот град на оваа кинеска провинција. Научниците веруваат дека археолошките наоди се остатоци од древното кралство Шу.
Досега се откриени илјадници артефакти, кои се изработени од злато, бронза, жад и керамика. Повеќето од предметите се ритуално обезличени, запалени и внимателно закопани. Бронзените предмети вклучуваат машки скулптури, скулптури на животни, ѕвона, украсни животни, како што се змејови, птици, секири и др. Некои од артефактите се изработени од злато, а некои од жад, меѓу нив има секири, ножеви, прстени и др. Меѓу предметите се пронајдени и големо количество слонова коска и школки. Од откриените предмети, особено се значајни бронзеното дрво и човечките фигури, кои се уникатни и исклучително иновативни.

Во март 2021 година беа откриени повеќе од 500 значајни артефакти, а меѓу нив беше и златна маска за која се верува дека е стара околу 3.000 години. Истражувачите истакнуваат дека маската е изработена од 84 отсто злато и тежи 280 грама. Се верува дека предметите се пронајдени во т.н. жртвени јами.
Голем дел од пронајдените артефакти има сличности со археолошките откритија во Западна, Централна и Југоисточна Кина. Научниците веруваат дека пронајдените школки потекнуваат од Индија. Артефактите укажуваат на интеракција и трговски контакти и врски помеѓу Сансигдуи и другите азиски цивилизации и култури. Неодамна археолозите открија поголемо количество свила, а откритието поттикна некои од истражувачите да веруваат дека Сансигдуи пред околу 2.000 години бил значаен антички трговски центар на Патот на свилата.
Истражувачите беа зачудени од откритијата, бидејќи беше пронајден уметнички стил на култура што беше непозната во науката. Споменатата култура е една од најстарите што се откриени на територијата Кина, а некои од научниците веруваат дека таа е основата врз која се развива кинеската цивилизација.
Археолозите и историчарите истакнуваат дека откритијата во Сансигдуи се пресвртница во археологијата и разбирањето на кинеската цивилизација.
Денес откриените артефакти се изложени во музејот „Сансигдуи“ во близината на градот Гуанхан, а Сансигдуи заедно со неколку други археолошки локалитети се наоѓа на листата на УНЕСКО како светско наследство.