Во продавница во Јапонија бил тестиран робот управуван од луѓе, чија задача е да го компензира недостигот од работна сила. Роботот, наречен Модел-Т, е развиен од компанијата „Телексистенс“, а се контролира со далечински управувачи и со слушалки. Тој е развиен во време кога продавниците во Јапонија имаат проблем со недостиг од работна сила, а неговата задача е да го олесни полнењето на фрижидерите и на полиците со производи.
Видеото објавено на Јутјуб покажува човек како го контролира роботот Модел-Т во продавницата „Фемили март“, додека тој е во канцеларијата на „Телексистанс“ оддалечена околу осум километри.
Благодарение на роботот, тие ќе можат да ангажираат работници што не живеат во близината на продавницата, но кои сепак ќе можат да ја завршат работата.
„Телексистанс“ планира да продолжи да го надградува роботот. Засега тој може да се справува со шишиња и други пластични амбалажи, а целта на компанијата е да ги прошири неговите активности на сендвичи и на други чувствителни производи. Нивната цел е да има роботи во 20 продавници на „Фемили март“ до 2022 година, пишува „Енгаџет“.