Конференцијата „Профемина“ ќе го има своето второ издание на 30 ноември, во хотелот „Александар палас“

„Профемина“ е регионална конференција, која се организира во повеќето земји каде што се издава магазинот „Убавина и здравје“. Во Македонија годинава, „Профемина“ ќе го има своето второ издание на 30 ноември, во хотелот „Александар палас“.

– Темите што го сочинуваат животот на една жена (љубов, мајчинство, партнерства, професионален развој, финансии, здравје, нега, убавина, мода…) и што ги обработуваме во магазинот, ја наметнаа идејата да се направи еден поинаков концепт во кој прашањата што ја засегаат модерната жена ќе можат да бидат дискутирани во отворени панели. Целта е да се обезбедат повеќе различни аспекти: стручни мислења, искуства на учесниците во панелите, ставови, дилеми и прашања на присутните гости, бидејќи не секоја жена ги поседува истите шанси за да си обезбеди одговори на прашањата што ја засегаат – вели Јована Стојменовиќ, главна уредничка на магазинот „Убавина и здравје“.

Во фокусот на „Профемина“ се теми што ќе влијаат позитивно и практично на посетителите.

– Во фокусот ни е здравјето, на тие теми ние постојано инсистираме следејќи ги и доближувајќи ги модерните трендови во медицината, но и негата, убавината, а и можностите секој од нас да ја искористи моќта на социјалните мрежи на свој начин, па и за финансиски цели. Исто така естетските корекции и психолошките аспекти што ги предизвикуваат новите стандарди за убавина, правилната нега на зрелата кожа, потоа современата очна дијагностика и модерна хирургија, проблемите со детската и чувствителна кожа и дилемите на родителите за третман и нега, негата на скалпот и косата, приказни на жени што може да послужат како инспирација за негуван изглед во секое време. Здравата и актуелна храна во фокусот на социјалните мрежи, како и актуелните инфлуенсери, нивното влијание, заработката што се прави на социјалните мрежи – ни сподели дел од програмата Стојменовиќ.

Секој од панелите е конципиран да опфати повеќе различни ставови и аспекти, но свој удел ќе има и женската публика на панелите, која ќе има можност да поставува прашања и да сподели искуство или став.

– Ова е ретка можност директно да добиеме совет од лекар за прашањата од нивната област во состав на темите, од професионалец за нега, професионалец за шминка, за разубавување, од најактуелните и успешни јавни личности и нивните приказни, од производителите и покровителите. Ги покануваме сите ваши читателки да ни се придружат, влезот е бесплатен, а бесплатни се и советите. Важно е само да го најават своето присуство на електронската пошта [email protected] најдоцна до 29.11.2018 – апелира Јована.

Таа додава дека жената и нејзините интереси се постојана инспирација за магазинот „Убавина и здравје“. Жените сакаат да разговараат, да дискутираат, да прашуваат и да споделуваат, но сакаат и поддршка.

– Историски гледано, најголемата сила на жените доаѓа од заедништвото, од „коалициите“, а тоа е една од нашите пораки: „Не сте сами!“ Мислам дека жената низ вековите до денес сака само едно: да знае, да умее, да може. Моето лично и професионално искуство ми покажува дека знаењето и вистинската информација се најбесценетото нешто со што може да се направат големи дела за себе, за своите, за светот. Вистинската информација некогаш доаѓа случајно до нас, а некогаш долго трагаме по неа. Точно е дека секогаш не се доаѓа лесно до одговори, но важно е да се поставуваат прашања. Некогаш потивко, некогаш погласно, но да не се откажуваме од трагањето. Така настанале сите големи пресврти и воодушевувачки животни приказни за кои читаме. Не е срамно да не знаеш, да не умееш и поради тоа да не можеш, само секогаш барај начин, барај инспирација и одговори. Прашај го оној што го може она што ти сакаш да го знаеш – категорична е Јована.