Фото: Дарко Андоновски

Во студиото на Алексо Димов-Аце

Драго ми е што ѝ го враќам сјајот на нашата автентична староградска македонска песна. Во план е и издавање цеде со овие незаборавни рефрени, кои со задоволство ги изведувам на моите настапи, вели Алексо Димов

Деновиве е раздвижено во студиото „Мој мерак“, кое се наоѓа во домот на македонскиот вокален и инструментален изведувач на староградска народна музика, Алексо Димов-Аце. Тоа постои веќе две-три години, а се одлучил на овој чекор, бидејќи сменил повеќе студија и никаде не бил сосема задоволен од крајниот резултат, а и потрошените материјални средства не биле за потценување.

Интересно е што Алексо со музика не се занимава од мали нозе. Неговото музичко патување почнало кога ја зел в раце својата прва гитара, на 21-годишна возраст. Големата желба, љубов и труд брзо му го отвориле патот и за краток временски период сонот му станал јаве. Очигледно е вљубеник во музички инструменти, кои го опкружуваат во неговиот дом. Има вкупно девет гитари, кои се негов заштитен знак и постојан придружни на многубројните живи настапи во Скопје и низ земјава.
Во моментот Алексо ги снима песните што ќе се најдат на неговиот трет мераклиски албум.

– Во студиото „Мој мерак“, кое се наоѓа во мојот дом во населбата Аеродром, во Скопје, веќе се снимени неколку познати и малку познати македонски народни песни, но првпат во ново руво и неколку новосоздадени. Драго ми е што ми се доверени „Мојата серенада“ на веќе покојниот Миодраг Мичо Божиновски, која своевремено ја отпеа Гоце Николовски, па „Заветна“ од тандемот Барбаровски, која ја изведуваше легендарниот Пепи Бафтировски, а во план е заживувањето на други наши вечно зелени мелодии. Предизвикот е дотолку поголем, бидејќи тие веќе го положиле тестот на времето, а освен убавата мелодија, белег оставила и врвната интерпретација на великаните на македонската народна музика. Бидејќи и самиот сум перфекционист, не сакам ништо да ѝ препуштам на случајноста и се трудам на секоја од песните да ѝ дадам свој печат и добра продукција. Во план е и издавање цеде со овие незаборавни рефрени, кои со задоволство ги изведувам на моите настапи – вели Алексо Димов-Аце.
По сѐ изгледа, по мало затишје ова е негов доста активен и успешен период на професионален план, бидејќи не само што постојано настапува туку е и чест гостин во радио и ТВ-емисиите во кои се третира нашата староградска музика, особено на МРТ, каде што се снимени неколку портрети за него.

– Не сакам да се појавувам во медиумите без вистинска причина, туку само кога има што да се каже, како во периодов што следува. Се надевам дека по овој трет албум, првиот снимен во 2009 г., кој иако не беше наменски, успешно се совпадна во емисијата „Храна и вино“, вториот „Ах, љубов“, со староградска музика реализиран во 2014 година, ќе се посветам на снимање авторски песни. Во далечната 1995-та, покрај две староградски, снимив три новосоздадени песни, две дело на Милан Зафков и една на мојот колега Зоран Ванев. Се надевам дека во иднина ќе зачекорам и во таа насока и ќе интерпретирам новосоздадени песни што ќе прилегаат на мојот досегашен музички израз – ни се довери Аце.

Тој за свој најголем успех го смета тоа што публиката го прифатила со раширени раце.
– Често на настапите луѓето ми велат дека некои од строградските песни ги засакале токму поради моите изведби, што ми е многу драго и ми дава поттик да продолжам понатаму. Драго ми е што со моите песни на некој начин им го разубавувам животот на оние што ме слушаат и што ѝ го враќам сјајот, но и животот, на нашата автентична староградска македонска песна – вели тој.

Во своето мало студио, но полно како око, тој има голем број изданија од сите музички жанрови, па затоа не треба да зачудува фактот што своите настапи ги отвора со инструментални и вокални песни на познати светски и наши забавни евергрини. Но, сепак, македонските староградски песни, како „Каранфило филфило“, „Кога си тргнав в туѓина“, „Три години стана “, но и обнародените „Дали чекаш, стара мајчице“ на браќата Барбаровски и „Русе, ле, моме убаво“ на Љупчо Трајковски-Фис се негов фах и само тогаш, вели, се чувствува свој на своето.

Иако и неговиот син Трајче (17) свири на класична гитара и ќерката Стефанија (21) свири на флејта, тие досега немаат заеднички музички семеен проект, но не е исклучено, вели Аце, тоа да се случи во иднина.
Голема поддршка на Алексо му е неговата сопруга Гордана, која исто така е талентирана за уметност, но за ликовна. Таа неколку години изработува слики со техниката квилинг, од хартиени ленти, кои го красат нивното семејно катче. Додуша, и Алексо вели дека прва љубов му била ликовната уметност, но сепак неговиот животен пат го насочил кон музиката.


Како студент продавав „Нова Македонија“

Алексо потекнува од старо скопско семејство и израснал на скопскиот асфалт. Ни откри дека по средношколските денови, за џепарлак со своите другари продавал „Нова Македонија“.
– Сакајќи да заработам некој денар, заедно со другарите, цела сурија, отидовме во тогашната редакција на „Нова Македонија“, во центарот на Скопје, и се вработивме како волонтери. Секој ден рано, во 2-3 часот, ги земавме уште топлите весници од печатницата и ги разнесувавме низ Аеродром, ставајќи ги во сандачињата во зградите. Ова мое искуство, иако траеше само шест месеци, за мене е незаборавно, а на сите вработени во вашата редакција им посакувам да се вратат старите големи тиражи – вели Алексо Димов.