Четирите децении на „Дивље јагоде“ во книга

Неколкумесечниот период на изолација поради пандемијата на коронавирусот членовите на популарната и долговечна балканска рок-група „Дивље јагоде“ го искористија за подготовка на нови видеоспотови, за песните од нивниот последен албум „Jukebox“, во издание на „Кроација рекордс“, кој беше промовиран и во Скопје. Веќе се снимени шест спота, а последниот, за песната „Немам ништа против, а нисам ни за“, беше претставен деновиве, а неодамна ја видовме и видеоприказната за песната „Улица на лошем гласу“.
Неуморниот Зеле Липовача, за сите поддржувачи и обожаватели на бендот, кој годинава одбележува 40 години постоење, најавува и скорашна промоција на
долгонајавуваната илустрирана биографија на групата.

– Знам дека сите ве интересира кога точно ќе се одржи промоцијата на книгата, но во овие околности во кои живее целиот свет тоа сѐ уште е тешко да се одговори, но се надевам дека нашата публика ќе има разбирање за тоа. Сепак наскоро, кога книгата ќе се најде во рацете на нашите обожаватели, сигурен сум дека ќе се стави точка на стотици прашања и дилеми што сите овие години се поврзуваа за „Дивље јагоде“. Автор на книгата е Стјепан Јурас, а дизајнер Игор Келчец – најави Липовача.
Авторот на оваа толку очекувана книга, Стјепан Јурас, вели дека за него претставувало чест и одговорност да ја стави на хартија приказната за групата што ги избриша сите граници во музички, територијален, продукциски или сценски поглед и која на овие наши простори го донесе светот, а од друга страна на тој свет му покажа каква магија се крие на по малку мистичните простори на Југоисточна Европа.

– Во текот на сите овие години, од основањето досега, секоја генерација во своите срца ги зачува „Дивље јагоде“ како еден од поубавите спомени на своето растење и раѓање на првите љубови, со евергрините како: „Једина моја“, „Криво је море“, „Заувек твој“ или „Звијезда сјевера“. Исто како што сите ги паметат првите забави со песната „Мотори“, „Улица на лошем гласу“, „Сама си“. На новите генерации, пак, омилена им е „Кап по кап“. Дури и со површен поглед на една ваква грандиозна кариера, лесно е да се воочи една константа што сите овие години беше срцето и моторот на „Дивље јагоде“, а тоа е Зеле Липовача, основачот, гитарист и автор на повеќето песни, човекот што го почитувам и како личност и како музичар, а уште повеќе како еден од ретките вистински пријатели – вели Стјепан Јурас.

За него, сето ова што го наброја било од круцијално значење при донесувањето на одлуката дали ќе се впушти во пишувањето на биографската книга за „Дивље јагоде“.
– Низ годините околу „Јагоде“ се исплете таква приказна, каква што не би можеле да режираат ниту најинвентивните режисери. Приказна за исполнување еден сон, во кој има сѐ, и драма и акција, трилери, сапуници, хорори, шпионско-детективски приказни, војни и катастрофи, а сето тоа заедно се слеа во една сага на која никој нема да остане рамнодушен и за која секој од многуте актери има што да каже. Ќе откриеме тајни што досега биле скриени, но ќе има и анегдоти, интриги, бидејќи вистинските обожаватели на „Дивље јагоде“ не сакаат бајки. Тие сакаат приказна без цензура, поткрепена со факти и документи, сакаат подеми и падови, крв, пот и солзи, бидејќи рокенролот е и среќа и тага истовремено – открива Јурас дел од содржината на биографската книга.

Интересно е дека сите овие четириесет и кусур години Зеле Липовача не помислуваше да се откаже од музиката и да напушти се и покрај пречките на кои наидуваше.
– Има една мисла која вели дека до ниедно место до кое вреди да стигнеме не води скратен пат. Ништо не е случајно, зашто да не требало да биде не би се случило. По сѐ што доживеавме во овие 40 години јас не се изморив, напротив, се чувствувам како да сум бил на долг одмор и сега решив да почнам да работам – ни рече Липовача.

– Мене Лондон ми е голо искуство, многу научив од сето тоа. Добив признание дека Британците веруваа оти „Дивље јагоде“ ќе станат светски бенд. Но за жал, моите моци во тоа не веруваа. Ми остана горличивиот вкус во устата, ако зборуваме за пријателство и лојалност. Тоа за мене беше една авантура која не заврши со хепинед. Добивме на лото, но го загубивме тикетот – вели Зеле Липовача.

Веројатно во биографијата, чија промоција ја очекуваме наскоро, ќе бидат појасни многу нешта поврзани со „Дивље јагоде“. Дотогаш за љубителите на винилот, „Jukebox“ ќе биде објавен и како плоча. Исто така, Зеле веќе работи на свој соло-албум, а наскоро ќе слушнеме уште една нова песна на бендот, овој пат во интерпретација на Младен Војчиќ-Тифа.
– Досега сме снимиле 12 албуми, но, сепак, за мене е најважно дали овие песни оставија трага кај публиката. Ако е така, тогаш ние сме она што треба да бидеме и нашата приказна може да продолжи – категоричен е Зеле Липовача.