Академик Демир Тулуш од Институтот за хуманистички, социолошки и економски истражувања во Тува, тврди дека утврдувањето би можело да биде летна палата изградена за жената на Богу-хан

Средновековната градба Пор-Бажин во јужен Сибир, за која се смета дека ја изградиле Ујгурите, е постара отколку што се претпоставуваше, покажа најновото истражување. Но нејзината намена и натаму е мистерија за научниците.
Истражувачите од Универзитетот во Гронинген користеле посебна техника за датирање на јаглерод-14 и утврдиле дека комплексот, кој се наоѓа на 2.300 метри надморска височина на езерото Тере-Кол е изградена во 777 година, две децении подоцна отколку што се мислеше.
– Во комплексот научниците пронашле греда со шило од 775 година. Бидејќи можеле да утврдат дека дрвото било исечено две години подоцна, комплексот морал да биде изграден во 777 г. – се наведува во извештајот во зборникот на Националната академија на науките.

Откритијата ја поткопуваат романтичната теорија дека тоа е кралска летна резиденција, која ја пропагира академик Демир Тулуш од Институтот за хуманистички, социолошки и економски истражувања во Тува.
Тој тврди дека утврдувањето би можело да биде летна палата изградена за жената на еден хан (татарски водач). Познато е дека кинеските принцези се мажеле за Ујгурите и за туркиските ханови, објаснува тој.
– Веројатно една таква принцеза требало да живее во оваа палата, но нешто ѝ се случило за време на патувањето и никогаш не стигнала до тука. Ова место било целосно напуштено по 30-40 години – вели Тулуш.
Новата студија истакнува дека палата Пор-Божин е изградена како манихејски манастир, што исто така го споменува и Тулуш – но во моментот кога палатата била завршена, оваа религија нагло исчезнала.

– Во 777 г. година на чело на каганатот бил Тенгри Богу-хан. Тој се преобратил во манихејство, гностичка религија што била во остра спротивност со официјалната. Богу-хан бил убиен во текот на антиманихејскиот бунт во 779 г. Сето тоа се поклопува со археолошките докази. Веројатно комплексот навистина бил изграден да служи како манихејски манастир, поради тоа што не е користен откако антиманихејците го убиле Богу-хан. Да станувало збор за палата или тврдина, веројатно некој ќе се населел во неа.
Наспроти тоа, била изградена според барањата на одредбите на древните дизајнери како тврдина со спектакуларни размери. Надворешните ѕидови биле високи 10, а широки 12 метри. Опишана е како здание слично на Кремљ, чија средишна конструкција била внатрешен двор, поддржан со 30 древни столбови на камена подлога.

Археолозите на гипсот на ѕидовите, на џиновската капија и на фрагменти од запалено дрво пронашле глинени табли со траги од човечки стапала, избледени цртежи во боја, а тоа уште повеќе ја зголемило таинственоста на овој значаен археолошки споменик на Русија.
Руските научници, исто така, утврдиле дека на ова место речиси нема културен слој. Едвај се пронајдени какви било докази за присуството на човекот. Оттаму и заклучокот дека лицето од високото друштво, за кое било изградена палатата, никогаш не живеело тука. Ниту кој било друг.
Главниот археолог Ирина Аржанцева вели дека доколку ханот со својата сопруга и со децата минал најмалку едно лето во тврдината, или ако тука живееле монаси, би оставиле слој на земјата, депонии, многу артефакти.

Меѓутоа, древните подови откриени во текот на ископувањето речиси не биле нарушени. Пронајдена е само една јама со пукнатини, каде што е најдена сребрена обетка со приврзок – типичен машки накит на туркиските племиња.
На рампата пред капијата се пронајдени фрагменти од керамички садови, кои можеби ги оставиле чуварот или градежниците.
Немало систем за греење, ниту камин на местото со остра зимска клима, а тоа значи дека престојот во зима не бил предвиден.
Сепак, иако овде не живеел никој, палатата била комплетно завршена, а потоа напуштена, но и покрај тоа на неа со текот на времето се правени поправки.