Алекс Ших нема да го наследи богатството на неговиот татко

Наследникот на најголемата агенција за недвижнини во Хонгконг, Алекс Ших, не поседува сопствен дом. Покрај тоа, тој нема да го наследи ниту уделот што неговиот татко го имал во Групацијата „Сенталјан групата“, богатство од 506 милиони евра, поради тоа што наследството било донирано во добротворни цели, пренесува „Фајненшал ревју“.

Но, Ших воопшто не е вознемирен, и покрај тоа што нема да наследи дел од богатството какво што некои од децата на тајкуните добиваат, и со тоа ги прошируваат или градат сопствени бизниси.

– Јас и моите двајца браќа го прифативме изборот на нашиот татко. Кога бевме млади тој ни кажа за неговиот план богатството да се донира и ние немавме никаков удел во неговата одлука. Негов став е дека животот поминат во удобност не е добар и дека повеќе ќе ги цениме работите доколку ги заработиме самите – вели триесетгодишниот Ших.

Тој е вработен во фирмата на неговиот татко, каде што ја има функцијата заменик-претседател, а ќе стане претседател кога неговиот 70-годишен татко ќе замине во пензија. Откако тоа ќе се случи, Ших планира да ја модернизира компанијата со тоа што недвижнините ќе се разгледуваат со помош на виртуелна реалност без да мора самите да бидат посетени.

Неговиот татко го донирал богатството на проекти за олеснување на животот на граѓаните во рурална Кина, градење на инфраструктура и школување на сиромашните деца. Парите, според татко му, треба да бидат употребувани за помош на оние кои немаат. 

– Компанијата е како еден голем брод. Се обидувам да додадам нова технологија со која ќе помогнам тој брод побрзо да плови – објаснува Ших.

Ших заработува просечна плата. За себе вели дека е скромен, обичен жител на Хонгконг кој сака да планинари и да игра бадминтон. Учел во локално училиште, бидејќи татко одбил да го запише во елитно училиште.

Покрај тоа што Ших живее во градот кој веќе девет години се смета за најнеисплатлив за живеење, тој штеди со цел сам да ја купи неговата прва куќа.

– Првиот дом можеби нема да биде онаков како што навистина посакувате, но барем е некаков почеток – вели скромниот Ших.