Научниците успеаја да оживеат мало животно, старо 24.000 години, кое било замрзнато на Сибир. Откако се загреало и нахранило, ова безрбетно животно одеднаш станало активно и почнало дури и да се размножува, бесполово, без сексуален партнер.

– Се работи за животно со нервен систем, мозок и други органи – вели биологот Стас Малавин од Центарот за биолошки истражувања „Пушчино“.

Научниците и претходно имаат успеано да оживеат живо суштество што било замрзнато, дури и постаро – 30.000 години, но ова е првпат тоа да се случи со безрбетник. Се работи за повеќеклеточен организам, кој на главата има венец што трепери, помал од четвртина од милиметар.

Научниците сметаат дека денешните безрбетници имаат слична способност за преживување како и нивните древни претци. Малавин во текот на еден екперимент на една недела (-15 степени) замрзна различни современи видови, како и некои потомци на древни животни. Сите групи подеднакво биле толерантни на замрзнување, со слична стапка на преживување, пишува „Њу сајнтист“.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека ако постапката на смрзнување е релативно спора, клетките на безрбетниците можат да преживеат со минимални оштетувања, што им овозможува да преживеат.