Никола Перевски – Пере го престави и ново лого на бендот, го најави појавувањето на новиот албум до почетокот на идната година, како и на документарецот што се снима за групата во режија на Владимир Митревски Ѓуле

Пред голем број новинари, колеги, пријатели и почитувачи на групата „Нокаут“, но со почитување на протоколите за јавни настани периодов, денеска во 13 часот во кафулето „Интермецо“ беше премиерно пуштен спотот за песната „Сакам да живеам“, со која групата победи на годинашниот фестивал „Макфест“.

Поздравувајќи ги присутните, лидерот на групата, Никола Перевски-Пере, рече дека песната, која му ја донесе првата фестивалска победа на бендот, ги направила многу среќни.

– Ви благодарам што ни давате поддршка. Во годината што го сопре целиот свет нашиот бенд не престана да работи. Работевме активно на неколку интересни новини за бендот. Она за кое најмногу сме дојдени е промоцијата на новиот спот за победничката песна на „Макфест 2020“ – „Сакам да живеам“, за која текстот го напиша Огнен Неделковски, музиката е на неговиот син Филип Неделковски, а за продукцијата се погрижи Дарко Димтиров. Режијата на видеоприказната е на Јован Куциноски, од „Моушн емоушн“ продукција, со кој го работевме и видеото на „Позитивно“ и „Ти си таа“. Спотот е снимен на локации во Маврово, Галичник и во Охрид. Се надеваме дека успеваме на најдобар можен начин да ги пренесеме емоциите кои ги носи самата песна – изјави Перевски на денешната промоција.

Бендот го најави и документарниот филм со работен наслов „Би се викал Нокаут“, во режија на нивниот драг пријател Владимир Митревски Ѓуле.

– Тој заедно со неговата екипа последниве неколку месеци нѐ следи секаде каде што одиме и лови интересни моменти од нашите настапи, проби, дружби. Во него ќе бидат вклучени и песните од новиот албум, кои се снимени во живо, само за потребите на документарецот. Ветуваме необичен видео документ со многу необична приказна. Ќе има и изјави на голем број наши соработници во текот на нашето 24-годишно опстојување на нашата македонска музичка сцена – откри Перевски.

Новиот, четврти студиски албум на „Нокаут“, е во завршна фаза. Албумот ќе содржи 10 композиции, дел од песните кои ќе се најдат на изданието се веќе објавени („Номеври“, „Кога ме сакаш ти“, „Сакам да живеам“), а дел од нив се комплетно нови. Неговата промоција се планира за почетокот на следната година.

На промоцијата на спотот беше претставено и новото ребрендирано лого, кое ќе биде белег на следни проекти на бендот. Дизајнот на логото го направи Андреј Марјановиќ, кој го дизајнираше и плакатот за документарецот „Ханиленд“.

– Ова е вистинско време да го освежиме нашило лого, да свртиме нова страница на нашиот бенд и сите наши наредни прокети ќе излезат со новото лого. Сакам на сите вас преставници на медиумите да ви порачам да продолжитре да ја поддржувате македонската музика, зашто само така ќе помогнете таа да опстои – рече Пере на денешната промоција.

М.Т.