Фото: Дарко Андоновски

Љупчо Трајковски-Фис, 35 години активен на музичката сцена

Јас сум вљубеник во македонскиот фолклор и сѐ што сум напишал досега, во кој било жанр, има рефлексии од таа моја вљубеност, вели Љупчо Трајковски

Познатиот македонски композитор и музичар Љупчо Трајковски-Фис (61) веќе 35 години е активен на македонската музичка сцена и досега има напишано многу хитови, а некои од нив се и обнародени. Неговите вечно зелени песни станаа белег на валандовскиот и на други фолк-фестивали во земјава, а последен успех на оваа реномирана музичка манифестација му е неодамнешната победа со песната „Илина“, чиј комплетен автор е тој, а ја отпеа ветеранот Драган Мијалковски, кој на „Валандово фолк-фест 2019“ настапи по цели 20 години.
Но Фис, освен народна, пишува и забавна и сериозна музика, а исто така со својата бас-гитара активно настапува во неколку состави, каде што свири класична, џез и рок-музика. Вели дека негова мисија е да ги усреќува луѓето и со својата музика да шири позитивна енергија. „Треба тоа што е најдобро кај нас постојано да се трудиме да го развиеме и надградуваме“, вели Љупчо Трајковски. Тој дипломирал на Музичката академија во Скопје, наставно-теоретска насока, а работи во продукцијата на МРТ.

Како дојде до соработката со Драган Мијалковски, кој ѝ даде душа на песната „Илина“, со која на голема врата се вративте на „Валандово фолк-фест“?
– Драган Мијалковски е мој пријател и, се разбира, одличен пејач. Си реков ако не се согласи нема да му ја дадам песната на друг. Уште кога првпат ја запеа имав впечаток дека само за него е правена „Илина“. Тој е мој идол уште кога бев дете, а подоцна дојде време и да соработуваме. Уште кога го запознав се воодушевив од неговата големина, а забавната песна што тој ми ја опеа „Лебеди пловете“ ми е една од најдрагите.

На валандовскиот фестивал сте му подариле многу убави песни, кои ја обележаа и вашата кариера. Би издвоиле ли некои од нив?
– Да, многу му дадов на овој фестивал, но и тој мене, а лани ми направија голема чест со авторската вечер. Инаку, јас настапив на првиот „Валандово фолк-фест“ во далечната 1984 година, а првата песна ми беше „Сношти Кате пак те видов“ што ја отпеа Ѓоко Дончев. Мои песни на овој фестивал пееле и Милан Бабиќ, Пепи Бафтировски, Наум Петрески, Смиља Митревска, Благица Павловска, Гоце Николовски, Мишко Крстевски… Мене како автор сите песни што сум ги напишал ми се драги, ама публиката ги издвои: „Една песна јас да запеам“, „Жал за Деспина“, „Има ли песна“, „Ноќва пеам само за неа“, „Дај ми надеж“, „Земјо далечна“, „Душо моја прости ми“, „Кога слушнав песна наша“….

Сите ваши песни го положија тестот на времето, а за некои луѓето мислат дека се народни.
– Има една убава песна „Русе ле моме убаво“, текстот е на Љубомир Грбевски-Џери, за неа сите мислат дека е народна, задолжително се пее по кафеаните.

Имам впечаток дека повеќе сте ориентиран кон баладите.
– Да, препознатлив сум со баладите, но имам и брзи, весели песни како: „Лено, Ленче“, „Не можам душо не можам“, „Што ќе ти е бекрија“…

Што ве инспирира најмногу?
– Јас сум вљубеник во македонскиот фолклор. Сѐ што сум пишувал досега во кој било жанр има рефлексии од таа моја вљубеност. Македонската музика е оригинална, може да се препознае во светот и мелодиски и ритмички.

Дали понекогаш треба да се има среќа да се склопат сите коцки, добра песна да ја испее одличен пејач на вистинско место?
– Така е, но јас не мислам дека имам среќа, јас го имам Господ зад мене. Инаку, музиката е единствена гранка во уметноста каде што нема ништо опипливо, освен снимката. Ако сега отсвирам нешто на пијаното, тоа не останува како материја, веднаш се губи во етерот, но чувството и мигот се неповторливи. Сѐ што ќе облагороди нечие чисто човечко срце е убаво.

Освен што пишувате народна и забавна музика, имате и дела од областа на сериозната музика. Во април се одржа вашиот концерт за контрабас и гудачки оркестар во МОБ, кој доби одлични критики.
– Инструменталната музика е поле во кое композиторот е послободен, за разлика од песните каде што си врзан со минутажа, текст, ритмика, симетрика. Тука повеќе креираш. Јас прво пробав со Народниот оркестар на МРТ и видов дека можам да одам во таа насока. Досега сум напишал: концерт за мали состави, минијатури за флејта, кларинет и пијано, гудачки квартет, композиција за четири флејти…
Постојано барате нови предизвици, а еден од нив е групата „Тоа е тоа“ во која, освен вас, членуваат и: Стефан Чепишевски, Тино Скендеровски, Бошко Доневски…

Каков ви е репертоарот и каде свирите?
– Свириме од задоволство кавер-верзии на „Дип парпл“, „Квин“, „Цепелин“… Настапуваме на градски плоштади, на разни манифестации, во клубови. Неодамна настапивме во центарот на Пехчево и одлично поминавме. Сите во бендот сме големи професионалци, со голем музички багаж. Понекогаш и Мики Јовановски-Џафер пее со нас. Имам и „Чери бенд“, џез-квартет, со кој свириме во „Каса кубана“, на кејот, претежно џез-стандарди и евергрини. Ете, јас создавам и изведувам народна, класична, забавна и рок-музика. Сакам сѐ што е убаво и ако ме допре музиката не правам разлика.

Дали посакувате интернационален пробив на вашите дела?
– Не, ни порано, а ни сега не сум мечтаел да постигнам нешто во светот. Мојата мисија е тука да ги облагородувам луѓето. Најсреќен сум кога ја пишувам музиката, процесот на создавањето е мое најголемо задоволство. Точно, секој сака да биде успешен, но креативните патишта се чудни, а музиката сама си го наоѓа патот.

Велат денеска нема веќе хитови, зашто нема каде да се пласираат. Се согласувате ли?
– Не е точно, ако е нешто добро, од уво на уво ќе си го најде патот. Еден од моите најголеми хитови, „Жал за Деспина“ првата година не ја примија на „Валандово фолк-фест“, а втората ја примија, ама не доби гласови за финалето. Влезе по сугестија од Кирил Тодевски, кој на другите членови им рекол: „Што правите, па ова е антологиска песна!“ Денес таа е мојата најизведувана песна.

Со Наум соработувавте долго и успешно, зошто се разделивте?
– Со Наум мора да имаат успех песните, тој е многу добар човек, соработник и врвен пејач. Имавме флуид меѓу нас, се дополнувавме. Подолго време не сме соработувале, но јас не сакам да се наметнувам, Наум е сега во некои други води, но се надевам дека патиштата повторно ќе ни се вкрстат.

Веќе сте дедо, значи и на професионален и приватен план сѐ си оди по ред?
– Имам два сина Драган и Борјан. Драган е музичар, свири на контрабас и концертот за контрабас го напишав за него. Со сопругата, која исто така е музичарка, живеат и работат во Инсбрук, Австрија и имаат две деца на 4 и една година, моите внуци Давид и Лука. Помалиот, Борјан, е машински инженер, работи во Град Скопје и се надевам и тој наскоро ќе нѐ усреќи со внуче.

Летово ќе имате ли време за одмор?
– Токму денеска заминувам за Инсбрук, Австрија, да си ги видам внучињата. А што се однесува до настапите, неодамна бев во Киев, Украина, каде што бев гостин на концертот на Рико Санчез. Прекрасно поминавме и сигурен сум дека ќе има и други ангажмани летово.