Приказната со Википедија дојде сосема случајно. Тоа е мојот повик да оставам нешто зад себе во областа на јазикот, како наставничка по македонски, вели Наташа Неданоска

Неодамна фондацијата „Викимедија“, преку весникот за едукација, објави листа на најуспешни координатори за едукација во светот, во чиј најтесен избор од деветмина најуспешни, покрај претставници од Индија, Полска, Чешка, Гана, Индонезија, Канада, Украина и Тунис, беше и една Македонка – Наташа Неданоска, наставничка по македонски јазик од Охрид.
Неданоска е член на непрофитната организација „ГЛАМ Македонија“, која се занимава со уредување на статии на Википедија на македонски јазик. Таа е еден од координаторите за едукација и координаторка на „Вики клуб – Охрид“.
Наташа е активна уредувачка на Википедија на македонски јазик од 2014 година, кога таа и нејзин ученик, средношколец, биле избрани за втори највредни уредувачи на еден натпревар меѓу училиштата. Но по пропаѓањето на тој модел на работа, таа решила да им ги пренесе своето знаење и искуство на учениците во своето ново работно место, како наставничка по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ во Охрид, и оформила свој Вики-клуб, чии членови, учениците, со нејзина помош уредувале статии на Википедија на македонски јазик.

– Приказната со Википедија дојде сосема случајно. Тоа е мојот повик да оставам нешто зад себе во областа на јазикот, како наставничка по македонски сакав што повеќе да се збогатува Википедија на македонски јазик. Но менторирањето ученици во едно вакво благородно волонтерство ме направи задоволна, а горда бев кога моите ученици и самите станаа ментори на новодојдените членови во клубот. Сето ова не ќе се случеше ако не наидев на „ГЛАМ Македонија“ и Снежана Штрковска, како претседателка на ова здружение, која освен што ме поттикнува, охрабрува и помага, таа ме поддржува во реализацијата на идеите, како и сите членови на нашето здружение – вели Неданоска.
Таа дополни дека секогаш се раководи од мотото на Џим Велс, основачот на Википедија: „Замислете свет во кој секој човек на планетава ќе има слободен пристап до целото човечко знаење“.

– Споделувајќи сопствени искуства со другите јазични Википедии, ние сме на добар пат во поттикот да се волонтира, да се придонесува за општо добро на заедницата, да се истакне важноста од знаење и практикување на мајчиниот јазик, а особено ни е драго што придонесуваме кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик – истакна таа.
Наташа била дел од неколку меѓународни Викимедија-настани во Софија, Бугарија, Сан Себастијан, Шпанија, Белград, Србија, Стокхолм, Шведска…. Организирала две конференции за наставници, едната во Охрид во 2019-та, а другата во Дебрца во 2020 година, каде што и самата била една од предавачите. Во мај 2019 година, Наташа помогнала да се отвори Вики-клуб во Струга, кој го менторирала заедно со своите членови. Во јануари минатата година, весникот за едукација на „Викимедија“ пишуваше за Вики-клубот Охрид, а веќе во јули Наташа беше избрана за лидер во едукација на месецот од истиот весник. Оттука и големото признание таа да се најде меѓу деветте најуспешни координатори за едукација во светот.