Ранетиот режисер открива детали за трагедијата на снимањето на „’Рѓа“

Алек Болдвин вежбал да вади револвер од футролата, по што го вперил во камерата за време на пробата на снимањето на филмот, кога оружјето пукнало и ја погодило камерманката во градите, се вели во писмената изјава за судот, објавена вчера.

Во изјавата под заклетва се дадени дополнителни детали за случајното пукање минатиот четврток во Ново Мексико во кое загина 42-годишната Халина Хачинс, а режисерот Џоел Соуза беше ранет, пренесува „Ројтерс“.

На Болдвин му бил даден пиштол за сцената и му било кажано дека не е наполнет, навеле властите во Санта Фе во судските документи.

– Џоел рече дека Алек седел на клупа и снимал сцена во импровизирана црква и вежбал вкрстено влечење пиштол. Џоел рече дека гледал преку рамото на Хачинс кога слушнал звук налик на удар на камшик, а потоа силен истрел – тој рекол во изјавата.

Хачинс потоа била погодена во пределот на градите, се наведува во документот.

– Џоел тогаш нејасно се сеќава како Хачинс се жалела на болка во стомакот, почнала да се тетерави наназад и паднала на земја – се додава во соопштението.

Халина Хачинс рекла дека не ги чувствува нозете, изјави Рид Расел, снимател кој стоел до неа во моментот на снимањето.

Вознемирениот Болдвин (63) е фотографиран како се гушка и разговара со Мет Хачинс, сопругот на Халина Хачинс и нивниот деветгодишен син во саботата пред хотел во Санта Фе.

Никој не е обвинет за фаталниот инцидент за време на проба во четвртокот на ранчот Бонанка Крик кај Санта Фе, додека канцеларијата на шерифот ја продолжува истрагата.

Неколку медиуми и социјални мрежи изразија загриженост за безбедносните протоколи за снимањето на нискобуџетниот филм, додека самиот Рид изјави дека филмската екипа имала проблеми со продукцијата, вклучително и плаќањето и домувањето. Рид изјави и дека шест лица го напуштиле снимањето на филмот.

Серж Светњој, главниот електричар ангажиран во снимањето, во објава на Фејсбук рече дека ја држел Хачинс за рака додека таа умирала и ја обвини „негрижата и непрофесионалноста“ за нејзината смрт.

Веб-страницата „Ти-ем-зи“, повикувајќи се на неидентификувани извори поврзани со продукцијата, наведува дека пиштолот што му бил даден на Болдвин претходно го користеле членовите на филмската екипа за вежбање надвор од сетот, користејќи вистински куршуми.

На Болдвин, наводно, му бил даден безбеден т.н. „ладен пиштол“, но содржел вистинска муниција кога бил испукан, според деталите од полициската истрага за фаталното пукање. Истрелот ја погодил камерманката Халина Хачинс во градите и режисерот Џоел Соуза кој бил зад неа, во рамото, според изјавата на окружниот шериф поднесена во судот во Санта Фе во петокот.

Асистент на режија, кој му го дал револверот на Болдвин, не знаел дека оружјето содржи вистински куршуми, се наведува во изјавата на детективот на полицијата на Санта Фе, Џоел Кано.

Болдвин во петокот рече дека е во шок поради трагедијата, по која неколку членови на тимот најавија дека го напуштаат снимањето на филмот поради небезбедни услови. Продукцијата на филмот веднаш беше прекината.

Околностите за тоа како оружје-реквизит испука смртоносен проектил остануваат нејасни.