Меган Маркл и принцот Хари го избраа Гавин де Бекер, поранешниот шеф за безбедност на американскиот претседател Роналд Реган, да се грижи за нивната безбедност во Америка, пренесува „Експрес“.

Кралската двојка ќе плаќа скапа цена за обезбедувањето. Деноноќната заштита на војводата и војвотката ќе ја обезбедуваат вработени од фирмата „Џи-ди-би-еј“. Компанијата е во сопственост на 65-годишниот Гавин де Бекер, кој работел за администрацијата на Реган.

Компанијата на Де Бекер е специјализирана за обезбедување на познатите холивудски имиња и неговите услуги не се евтини. Се проценува дека тој наплаќа до 7.800 евра на ден за неговите телохранители.

– Хари и Меган имаат целосна доверба во фирмата на Де Бекер и таа им била препорачана. Тие се најголемата фирма за обезбедување во Лос Анџелес. Тие не се евтини, но ако го сакате најдоброто, треба да платите за тоа – рече извор за неделникот „Мирор“.

Де Бекер може да се пофали дека има контакти со славните личности од Лос Анџелес. Тој има пријателски односи со Опра Винфри, пријателката на Меган, а исто така бил близок пријател на актерката Кери Фишер од „Војна на Ѕвездите“.