Вселенската трка се претвори во конкурентен пазар, а по успехот на славните милијардери Елон Маск, Џеф Безос и Ричард Бренсон, автомобилската компанија „Порше“ инвестира во германскиот стартап „Исар аероспејс“.
Со инвестирање во „Исар аероспејс“, „Порше“ сака да има пристап до вселенските технологии, а постои можност некои од нив да се најдат и во автомобилската индустрија.
„Порше“ им се придружи на инвеститорите „ХВ капитал“ и „Ломбард Одиер“ и инвестира 75 милиони евра, со што вкупната инвестиција достигна 165 милиони долари. Стартапот „Исар аероспејс“ сѐ уште е релативно непознат, но неговите амбиции се екстремно високи, со оглед дека целта е да се натпреварува со „Блу ориџин“, чиј основач е Џеф Безос, како и Елон Маск од „Спејс екс“.
„Исар аероспејс“ започна со производство на својата ракета „Спектрум“ годинава, за која во процесот биле користени 3Д-печатење и автоматизација за да се намалат трошоците за производство.
Ракетата „Спектрум“ има две фази што ќе се користат за лансирање на идните сателитски системи. Таа ќе може да носи 1.000 килограми товар, а нејзината втора фаза ќе може да доставува товар до последната орбитална патека.