Почна вториот круг гласање за регионалните музички награди MAC, за кои ќе се натпреваруваат и македонски изведувачи, меѓу кои се: Антонија Гиговска (во категоријата женски поп-изведувач), Влатко Лозаноски (машки поп-изведувач), „Ај кју“ (поп-група), Гуру Харе и Аки Рахимовски во категоријата рок-соработка.

Во првата фаза од гласањето пристигнаа повеќе од милион и пол гласови од сите краеви на светот, а тие гласови одлучија кои 15 номинации од секоја категорија продолжуваат да се натпреваруваат во втората фаза од гласањето. На денот на манифестацијата, 27 јануари, во трката ќе останат по пет номинации од секоја категорија. Во вториот круг гласање е воведена и нова категорија, јутјуб-ѕвезда, а станува збор за млади изведувачи до 21 година, кои ги номинирале обожавателите на MAC преку социјалните мрежи. Јутјуб-ѕвездата што ќе освои најмногу гласови, исто така, ќе биде наградена со MAC-признание.

Освен доделувањето на признанијата, на тричасовната церемонија во „Штарк арената“ во Белград ќе настапат и најголемите регионални музички ѕвезди, а најавен е и специјален настап на 11 хипхоп и поп-музичари од регионот. Некои од приходите од влезниците организаторите ќе ги пренасочат за УНИЦЕФ во хуманитарни цели, за програмите за полова рамноправност.