Анимираниот филм на „Дизни Пиксар“, „Лука“, е сместен во прекрасен приморски град на италијанската ривиера и ја раскажува приказната за едно младо момче што минува незаборавно лето исполнето со бесконечни возења со скутери, многу авантури, а сѐ е зачинето со сладолед и шпагети.

Лука споделува авантури со својот новостекнат пријател, но нивната забава е загрозена од добро чуваната тајна за морски суштества од друг свет, скриени под површината на водата.
– Чудовиштата во филмот „Лука“ не се застрашувачки и лигави. Всушност тие се метафори за чувството дека сме поинакви од другите или исклучени. Сите наши ликови, всушност, се чувствуваат поинаку или необично. Лука и Алберто многу сакаат да ѕирнат во овој друг забранет свет, но се плашат дека нема да бидат прифатени такви какви што се – вели режисерот.

– Лука е срамежливо, пристојно и интровертно дете што ги следи правилата, а негова тајна желба е да шета по светот и да научи многу нешта. Овој филм е за пријателствата што нѐ менуваат и кои ни помагаат да се пронајдеме себеси – вели сценаристот Енрико Казароса, кој го режираше и краткиот филм на „Пиксар“ – „Ла Луна“, за кој беше номиниран за „оскар“.

Ова е 24-ти игран филм на студиото „Пиксар анимејшн“. Приказната е сместена во доцните 1950-ти и раните 1960-ти години и ни ја донесува магијата на летото. Италијанското приморје, каде што се одвива дејството, Касароза на волшебен начин го пренел од деновите на своето детство на големото филмско платно. За оживување на ликовите беше задолжен аниматорот Мајк Џонс.