Зафир со поширокото семејство Хаџиманови во Кавадарци

Зафир и неговото семејство секогаш со голема радост и возбуда беа пречекувани во домот на чичко му Милан и братучедот Лазар Хаџиманов, се присетува неговата внука Милка Хаџиманова Китаноска

Кавадарчани многу ги растажи веста за заминувањето на нивниот познат сограѓанин Зафир Хаџиманов, па веќе се размислува за тоа една од улиците на неговиот роден град да го носи неговото име.
Деновиве повторно се раскажуваат случките и средбите со него, се евоцираат спомени од неговите посети и незаборавниот концерт во Кавадарци по повод 30-години успешна кариера. И сите се согласуваат дека Зафир Хаџиманов беше голем уметник, вистински професионалец и репер за музичкиот театар, човек со широко срце и насмевка на лицето. Беше пејач, композитор, поет и глумец, кој зад себе остави големо музичко наследство на кое кавадарчани се многу горди. Но исто така се горди и што тој не ги заборави своите корени, со задоволство доаѓаше во родното место, а на својот имот во Слан Камен, близу Белград, засади лозје и правеше квалитетно вино и ракија.
Иако по неговото раѓање во 1943 година семејството Хаџиманови останува само неколку години во Кавадарци и се преселува во Скопје, Зафир никогаш не ги раскина врските со својот роден град и со блиското семејство. Беше секогаш срдечен, отворен за соработка и благодарен на почитта што кавадарчани ја имаа спрема неговиот татко, познатиот етномузиколог Васил Хаџиманов.
Петре Камчевски, поранешен директор на Музеј-галеријата, со задоволство се присетува на средбите со Зафир.

– Првите контакти со Зафир ги имав во 2006 година кога Музеј-галеријата во Кавадарци ја подготвуваше изложбата „100 години од раѓањето на Васил Хаџиманов“. Тогаш всушност му кажав дека мојот дедо Петре Камчевски Американецот беше многу добар пријател со неговиот татко. Аптеката во која работеше Васил Хаџиманов всушност беше во зградата на хотелот „Југославија“, кој во 1928 година го изгради мојот дедо. За жал, нашиот последен контакт беше петнаесетина дена пред неговата смрт кога објавувајќи фотографија од тој ист хотел „Југославија“, Зафир ми се јави за да ми каже дека тој бил роден во една од хотелските соби каде што тогаш престојувало неговото семејство пред да се пресели во Скопје – раскажува Петре Камчевски.
На средбата на Зафир со Петре Камчевски во 2013 година паѓа и договор за отворање спомен-соба на Васил Хаџиманов во новиот музеј во Кавадарци кога тој пројавува интерес многу лични предмети на татко му да му ги подари на градот Кавадарци. Спомен-собата е отворена истата година, а во неа се поставени, освен многубројни фотографии и лични предмети, музички записи и документи, едно пијано, десетина музички инструменти, магнетофони и фотоапарати со кои ги регистрирал песните и ги фотографирал пејачите од кои ги запишувал народните песни.
Зафир и неговото семејство секогаш со голема радост и возбуда беа пречекувани во домот на чичко му Милан и братучедот Лазар Хаџиманов, се присетува неговата внука Милка Хаџиманова Китаноска.

– Секогаш со радост се сеќавам на семејните средби и дружби, кои беа исполнети со евоцирање на многу спомени од времето што тој го поминал во родното Кавадарци. Кога чичко ми Зафир ќе влезеше во нашиот дом и само што ќе го слушневме неговиот убав длабок глас целата просторија се исполнуваше со позитивна енергија и радост. Тој беше многу талентиран уметник, полн со енергија и секогаш насмеан. Знаеја со татко ми и тетка ми Олга на семејните средби да запеат македонска народна песна, но омилена им беше „Марика мома убава“. Покрај убавата песна, на трпезата секогаш имавме добро вино и стара тиквешка ракија. Зафир ги обожаваше традиционалните македонски јадења, како мусака, сарма од лозов лист, дроб-сарма…, па мајка ми Савка секогаш се трудеше тие да бидат на трпезата. Се сеќавам дека како вистински џентлмен знаеше да ја пофали, па ѝ велеше: „Савка многу убаво си ја направила мусаката, ти зборува на шест јазици“. Исто така секогаш знаеше да нѐ насмее со неговите анегдоти од многубројните патувања и турнеи што ги имаа со Сенка. Беше горд што неговиот роден град му оддаде почит на неговиот татко со изложбата по повод 100 години од неговото раѓање. За мене особено емотивен момент, кој ќе го паметам засекогаш, е кога Зафир ја рецитираше песната „Зошто“ посветена на неговиот татко. Во целосна тишина со своите стихови Зафир предизвика солзи во очите на многу присутни, но и самиот не издржа и заплака – со многу емоции се сеќава Милка Хаџиманова Китаноска.

Новинарот Димитар Мурџев нѐ потсети дека постои магнетофонска лента од почетокот на 1960-тите години, од тогаш мегапопуларната радиоемисија „Натпревар на градовите“ на Радио Скопје, чиј автор беше Ѓоко Георгиев. Во дуелот на Струмица и Кавадарци, Зафир ги брани боите на Кавадарци. Во тоа време тој е дел од вокалното трио „Ди Мас“, а на сцената во Домот на културата ја пеат популарната „Без бикини“ и добиваат безрезервна поддршка од публиката. Се разбира победуваат.
Како автор на овој текст секако не можам да ја изоставам прекрасната соработка со Зафир Хаџиманов во времето кога како новинар на Радио Кавадарци ја снимав документарната емисија посветена на Васил Хаџиманов насловена „18 години поминаа…“, која во 1986 година потсети на зборовите на Васил дека ќе дојдат некои нови млади деца што ќе знаат да го вреднуваат тоа што тој го направил со собирањето на народните песни. По оваа соработка во 1999 година во организација на Радио Кавадарци, следуваше концертот на Зафир во родниот град, на кој му гостуваа Сенка и синот Васил, по повод одбележувањето 30 години музичка дејност. Паметам дека пред да излезе на сцената како вистински професионалец тој ја имаше истата трема и се подготвуваше како да настапува на некоја светска сцена. Бурниот аплауз, прекрасната атмосфера и не знам колку пати враќање на бис на овој концерт уште еднаш ги потврдија длабоката врска на кавадарчани со Зафир Хаџиманов и меѓусебното почитување.