Автор: Чарлс Бимс

Форбс

Дваесет години отсега, спектакуларното лансирање на капсулата „Драгон“ на Илон Маск едвај ќе заслужи една страница во историјата на современата вселенска ера. Покрај неговото детинесто однесување и сомнителните одлуки кои понекогаш фрлаат сенка врз неговата способност на одговорен извршен директор, со нетрпение се очекува секој негов потег и на компанијата „Спејс екс“ во иднина. Дури и Нил Армстронг, легендарната икона на првата вселенска трка и најпознатиот противник на програмата на НАСА за комерцијални летови, неволно би признал дека силната страст, талент и мотивација на Илон ќе го одведат до конечната цел, а тоа е Марс.

Неверојатното постигнување, вклучувајќи го и совршеното слетување на ракетата „фалкон 9“ која повторно може да се користи, исто така треба да се запамети како успех со кој се докажува супериорноста на вселенската индустрија на слободниот пазар. Кога последниот од сомничавите политичари во Вашингтон конечно ќе го разбере длабокото значење на најновата победа на „Спејс екс“, ќе се ослободи целосната тежина на американската слободна пазарна економија за да се овозможат нови патеки за НАСА и американските Вселенски сили, а ќе се отворат нови деловни области за растечката комерцијална вселенска индустрија. За ова да успее, овие лидери треба да протолкуваат две познати вистини и да усвојат две нови.

Еден човек со визија (и помош) може да ја промени историјата. Всушност во добро или во лошо, секогаш товарот паѓа на еден. Илон дефинитивно не го постигна сам последниот потфат, но немаше да биде можен без неговата визија, иницијатива и истрајност. Ниеден владин комитет не го побара проектот, туку Маск сам ги водеше овие напори. Филозофите и владините претставници обично се тие кои зборуваат за големи нешта. Но токму инженерите прават големи работи секој ден и на сите нам ни е мило што конечно повторно се призна нивниот труд. Илон нема формално деловно образование и не се сметаше за вистински извршен директор пред „Спејс екс“.

Како што стотици приватни вселенски компании ширум светот се охрабрени и учат од вчерашниот настан, тие дури дополнително ќе го трансформираат останатиот дел од вселенската економија во претстојните децении. Две нови лекции кои потекнуваат од последниот успех се дебатираа во изминатите десет години, а сега се испостави дека се точни.

Сложената и честопати неразбирлива владино предводена вселенска индустрија повеќе не е отпорна на предностите на приватните комерцијални компании. Храбриот дух на Илон и снаодливите инстинкти во Вашингтон го отворија патот во наредните 50 години за инженерите со слични ставови, ако владата ги поттикне да се натпреваруваат. Но од сите критичари на Пентагон, кои пред десет години рекоа дека нема да издржи ни шест месеци во работата, Илон им покажа дека не се во право, многу пати досега. „Спејс екс“, неспорниот крал на трговските договори, победи во најновата трка со конкурентски договори со фиксни цени во комбинација со приватен капитал, за развој на неверојатни американски можности. Во иднина, владата мора поагресивно да бара набавка на стоки и услуги што исто така ги нудат и комерцијалните компании.

Сè уште постои реална причина за загриженост за американската конкурентност во втората вселенска трка, но јасно е дека тоа не е поради причините за кои беше загрижен Нил Армстронг. Експериментот на „Спејс екс“ на НАСА дефинитивно докажува дека дури и со несовршено корпоративно лидерство и значителен развоен ризик, методот на склучување договор со дополнителни трошоци поврзан со владиниот надзор, не е секогаш неопходен, и всушност може да биде контрапродуктивен за брзиот напредок. За сите експерти во фотелји во Пентагон, кои мислеа дека „Спејс екс“ нема да издржи шест месеци, ова дефинитивно докажува дека никој од нив не бил во право. Конкурентната, високостручна приватна вселенска индустрија предводена од стотици компании како „Спејс екс“ пред десет години го постигна невозможното и ќе продолжи да ги поместува границите.

Превод: Билјана Здравковска