Романот „Изброј ги ѕвездите“, во издание „Арс ламина – публикации“, на Лоис Лаури имаше онлајн промоција, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
– Приказната за Анемари, мало еврејско девојче од Данска во времето на холокаустот, која е раскажана во романот „Изброј ги ѕвездите“ е вистинска, а наедно е само една трогателна сторија, која, за среќа, завршува позитивно за разлика од онаа на 1.500.000 деца што беа убиени во Втората светска војна – рече Жаклина Мучева, раководителка на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија.

На промоцијата зборуваше и уредничката на „Изброј ги ѕвездите“, Бисера Бендевска, додека младата Мартина Атанасова прочита два извадока од делото. Дејството во романот го води 10-годишната Анемари Јохансен, која со своите родители и помалата сестра живее во Копенхаген во екот на Втората светска војна. Приказната во „Изброј ги ѕвездите“ е преземена од вистински настани. Во воведот, авторката и јавно ѝ се заблагодарува на својата другарка од Данска, која ѝ ги пренела нејзините спомени од детството во Копенхаген во 1943 година и станала модел за ликот на 10-годишната Анемари Јохансен.

– Историјата и преживеаните зборуваат за ваквите спасители како во книгата „Изброј ги ѕвездите“, кои никогаш нема да бидат заборавени. „Праведници меѓу народите“ е термин што го користи државата Израел за да ги опише неевреите што ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи во холокаустот. Република Северна Македонија е меѓу земјите што се запишани на списокот на праведници. Вкупно десет имиња имаат свое место на Почесниот ѕид на праведниците во меморијалниот центар во Израел, Јад Вашем – објасни Мучева.

За да повлече паралела помеѓу приказната на Анемари, таа издвои и четири деца од нашата земја што биле спасени од нееврејски семејства. Бенвенита Бехар-Тити била заштитена од соседите Александар и Блага Тодорови. Исак Адиџес со семејството пребегнал во Албанија каде што биле криени од муслиманско семејство. Мати Гринберг, кој наедно бил единственото бебе што го преживеало холокаустот во Скопје, бил згрижен од пријател на неговиот татко. Благоја Младеновски се спасил од смртта, бидејќи заедно со неговата мајка, Нета Коен, биле скриени во куќата на родителите на неговиот татко, кој бил православен Македонец, и со кој неговата мајка се венчала подоцна, во 1946 година.