Публиката на неговите концерти доаѓа во голем број за да го види и доживее енергичното шоу што го приредува родоначалникот на панкот

Човекот познат како родоначалник на панк-рокот, Иги Поп, роден е како Џејмс Њуел Остерберг Јуниор, на 21 април, 1947 година, во Маскегон, Мичиген, САД. Од татко му Џејмс Њуел Остерберг има германско, англиско и ирско потекло, а од мајка му Луела Кристенсен во неговите жили тече норвешка и данска крв. Со право го нарекуваат кум на панк-музиката, а за голем број рок музичари е идол и голема инспирација. Иги Поп е кантавтор, композитор и музичар со карактеристичен вокал, кој со својата прото-панк група „Стуџис“ свирејќи пра-панк, панк-рок, глам-панк и глам-рок изврши големо влијание врз голем број музичари, кои подоцна станаа водечки музичари на бунтовната панк-музика. Прекарот Иги, скратено од игуана, го добил уште во средно училиште додека свирел тапани во бендот „Игуанас“, најмногу поради неговата способност да го извиткува телото слично како што тоа го прават игуаните.

Уште во раната фаза од својата музичка кариера, покрај по специфичниот начин на пеење, бил познат и по непредвидливото и нескротливото сценско однесување, кое според негово кажување го позајмил од неговите музички идоли Џим Морисон и Миг Џегер. Тој прв изведе „стејџ дајвинг“, скокање во публиката од сцената, на еден негов концерт во Детроит, што подоцна беше прифатено од голем број идни музички ѕвезди. Како кантавтор и изведувач во рокенролот на голема врата го воведе нихилизмот, кој подоцна многу музичари го прифатија како свој став. Неговата кариерата со бендот „Стуџис“ не траеше долго, од причини што нивните албуми не се продаваа според очекувањата. Критиката и колегите го ценеа многу повеќе, па дури и денес ги истакнуваат класиците како „Raw Power“, „Search and Destrouy“ и „I Wanna Be Your Dog“.

По распадот на „Стуџис“, Иги Поп со Џејмс Вилијамсон го сними албумот „Kill City“, на чие објавување се чекаше цели две години. Во тоа време Иги имаше и многу проблеми со дрогата. Во надминувањето на тој проблем многу му помогна неговиот пријател Дејвид Боуви, кој од САД го одведе во Берлин, Германија, каде што почна неговата соло-кариера. Покрај тоа што му помагаше во компонирањето на песните, Боуви ја направи продукцијата на неговите први два албума: „Lust for Life“ (1977 г.) и „The Idiot“ (1977 г.).

Оттогаш, со мали падови во кариерата, Иги Поп со несмалена жестина и извонредна посветеност објавува музички албуми и оди на турнеи. Публиката на неговите концерти доаѓа во голем број за да го види и доживее енергичното шоу, кое го приредува родоначалникот на панкот. Со текот на годините, без разлика на жанрот (од панк и хард-рок, преку поп и блуз, па до шансони и џез) Иги Поп зад себе остави многу препознатливи песни, меѓу кои најпознати се „Lust for life“, „China girl“, „I Wanna Be Your Dog“, „The Passenger“, „Candy“ и многу други.

Инаку, животот и кариерата на Иги Поп се роман во кој сите улоги ги игра самиот, една по друга. Тој беше панкер уште пред да се појави бунтовниот панк на сцената и на поимот „панк“ му го додаде зборот рок. Рок-металец беше уште од камена доба. Беше и прв поет што го носеше пламенот на панкот, прв музички дервиш, кој на сцената непрекинато се вртеше и прв музички акробат што од сцената рипна во публиката. И да не заборавиме – штитеник на Дејвид Боуви, кој буквално му го спаси животот по неговите мазохистички застранувања од фазата „сакам да бидам твое куче“ и мрачните параноични албуми од средината на 1970-тите години од минатиот век.
Кога беше во најголемата животна криза изгледаше како да му рекол збогум на паметот. Но, очигледно поддршката од Дејвид Боуви му значеше многу и му беше голем поттик да излезе од пеколот на дрогата и да стане креативен прапанк-музичар.

Иако изгледа диво на сцената, тој е прифатен како шармантен рок-музичар, со витална енергија, која истовремено го прави, колку спонтан, толку непредвидлив. Тоа е еден вид детска наивност и чистота, а ла Иги Поп, која во текот на кариерата го штитеше буквално од сѐ. Можеше да се задоволи да биде остарена рокенрол и панк-легенда, по двата големи албума од почетокот на кариерата „The Stooges“ (1969 г.) и „Fun House“ (1970 г.), кои беа толку пред своето време, што тој уште тогаш можеше да замине во мирна и спокојна музичка пензија. Наместо тоа, како секоја добра игуана, никогаш не престана да се менува. Никогаш не престана да твори, компонира, свири и пее со и без Дејвид Боуви. Со голем ентузијазам по две и пол децении го обнови бендот „Стуџис“, почна да пее џезерски балади, дури на моменти се нурна и во електронски рок. Затоа тие што добро го познаваат велат дека Иги има илјада лица, но и едно единствено. Неговото витко тело, безмалку секогаш до половина голо, како да игра мајтап со времето, кое поминуваше со години и децении.

Да не заборавиме, сепак, тој ја измисли оваа сценска техника. Денес Иги Поп е „панк-ангел“, кој живее на атлантскиот брег, јужно од Мајами, Флорида, заштитно лице е на „Пако Рабан“, ужива во признанието „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ и гордо изјавува дека светот треба да се смири, му треба љубов и да не се дрогира. Секој обожавател на Иги Поп има свој омилен момент во врска со него. Кога сите би ги соединиле, несомнено ќе добиеме епска поема за идните генерации: иднина, збор што никој не го поврзуваше во врска со Иги, а чија иронија се мери со фактот дека тој му припаѓаше на нашето минато, при што и сегашноста и иднината, ете, уште се одвиваат со Иги Поп.

Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди